Собранието во полна пареа за претседателските, ќе се „фрли“ ли на работа и за предвремени избори?
Собранието на Република Македонија денес ќе има полна агенда на работа, а ќе заседаваат три собраниски комисии. Една од најважните активности како подготовка за претстојните редовни претседателски избори е формирањето на комисија за селекција на кандидати за претседател и за членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Формирањето на новата Антикорупциска е една од најважните задачи од институционален карактер. Токму новата комисија ќе има мисија да ги нагледудва кандидатите за претседател на Република Македонија кои ќе влезат во официјалната изборна трка.
Со политички конзензус и прифатени амандмани од опозцијата неодамна беше изгласан новиот Закон за за спречување на корупцијата и судир на интереси по чии одредби ќе се врши избор на новите кандидати кои треба да се справуваат со сомнежи за корупција на функционери на највисоко ниво. Партиите се согласија дека членовите на ДКСК треба да бидат независни, професионални и да исполнуваат голем број на критериуми.
Секако, мандатот и ингеренциите на Антикорупциска се ограничени на следење на состојбите на пример во имотот на функционерите, но сега со новиот закон ќе имаат повеќе надлежности за време на изборите. Така, Антикорупциската комисија за време на изборна кампања сомневање за корупција може да иницира самата или по приговор од организатор на изборна кампања или акредитирани набљудувачи.
Според актуелната состојба ќе биде многу важно да се почитуваат роковите и Антикорупциска да се формира пред одржувањето на предвидените претседателски избори. Секако, доколку се постигне политичка согласност, нејзината улога значително ќе се зголеми и ќе има полни раце работа ако се одржат и предвремени парламентарни избори.
Собранието влегува во засилена агенда која оди во прилог на подготовка на земјата за избори. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ денес ќе поднесе и барање за оставка на премиерот Заев. Така доколку се донесе одлука за нови парламентарни избори ќе следи самораспуштање на Собранието, а пред оваа институција има бројни иницијативи за носење на легислатива, како и за „доекипирање“ на државни органи и тела.
Со уште неколку активни месеци на работа, ако има нови парламентарни избори, пратениците во актуелниот состав ќе мора максимално да се посветат на законодавниот процес и да ги изгласаат неопходните реформи кои се клучни за Македонија да добие позитивна оценка од Европската Комисија, а подоцна во текот на летото и датум за започнување на преговорите за членство во ЕУ.
Х.С.
