Собранието усвои нови закони за судската и јавнообвинителската служба - што значи тоа во пракса?
Собранието ги усвои законите за судска и јавнообвинителска служба.
Tие според Министерството за правда се значајни чекори во реформата на правосудниот систем.
Со Законот за судска служба се воведуваат промени во статусот, вработувањето и напредувањето на судските службеници, со посебен систем прилагоден на потребите на судовите. Предвидени се нови правила за класификација на работните места, избор на кадри и развој на кариера.
Новото решение треба да ја зајакне и автономијата на судската власт преку поголема улога на Судскиот буџетски совет во кадровското планирање. Воведени се и измени во системот на плати, како и подобро регулирање на статусот на судската полиција.
Со Законот за јавнообвинителска служба се воспоставува нов модел на управување со кадрите во обвинителствата, со поефикасни процедури за вработување и можности за професионално напредување.
Од Министерството за правда велат дека реформите се насочени кон создавање попрофесионално, поефикасно и понезависно правосудство, усогласено со европските стандарди.
