Собранието по скратена постапка ќе го ратификува договорот со Грција
Собранието на Македонија денеска ја утврди потребата од донесување на законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство.
На седницата присустуваа 110 пратеници, гласаа 109, од кои 69 „за“, а 40 беа „против“.
Потребата од донесување на овој закон по скратена постапка пред пратениците ја образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Тој напомена дека овој предлог-закон е предвиден како дел од националната прфограма за усвојување на правото на ЕУ во рамки на политичките критериуми во делот на регионалната соработка и меѓународните обврски. Рокот за донесување е 22.06.2018 година, а Димитров нагласи дека имајќи ги предвид европските и евроатлантските перспективи на земјата повеќе од неопходно е да се донесе по скратена постапка.
