Собранието ги усвои предложените заклучоци, Владата ги продолжува разговорите со ЕУ
Со 68 гласа за, без воздржани и без против, Собранието ги усвои предложените заклучоци.
Со заклучоците се задолжува Владата на Македонија да ги продолжи разговорите со ЕУ за преговарачката рамка.
Со заклучоците се бара безусловно почитување на јазичните, идентитетските, културните и историските особености на македонскиот народ. Се задолжува Владата, македонскиот јазик во преговарачката рамка да биде наведен без какви било додавки и фусности и во текот на преговорите, да не прифаќа да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка. – Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија, се наведува во заклучоците. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, пред првата политичка Меѓувладина конференција, се вели во Предлог-заклучоците на Собранието.
По гласањето следуваше голем аплауз од страна на пратениците на владејачката коалиција.
По гласањето, собранискиот спикер најави пауза, а по неа од 14 часот ја закажа седницата за Буџетот.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата и пред гласањето ја напуштија собраниската сала.
Три дена пратениците раправаа за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Дебатата во Собранието постојано се одвиваше во слична атмосфера како што започна со користење на вувузели и свирежи од пратениците на ВМРО ДПМНЕ додека се обраќаа пратениците на СДСМ.
Во меѓувреме група на граѓани протестираат пред законодавниот дом против францускиот предлог со транспаренти и извици на негодувања. Притоа демонстрантите фрлаат и тоалетна хартија кон зградата на Собранието.
Гласањето помина без Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои го напуштија македонското Собрание, откако не беше прифатено барањето на пратеничката Дафина Стојаноска за еден час пауза по завршувањето на расправата по француската предлог преговарачка рамка.
Расправата во Собранието и денеска се одвиваше во тензична атмосфера со размена на обвинувања за предавство на националните интереси и бугаризација на државата.
