Собранието ги избра Адмир Шабани и Дритон Сулејмани за заменици министри
Собранието со 71 глас „за“ и 11 „против“ ги избра заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани и заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани. Премиерот Христијан Мицкоски во образложението на предлозите рече дека изборот е решение што не е само кадровска одлука, туку дел од поширокиот процес на зајакнување на институциите, на враќање на довербата во државата и на градење систем што работи во интерес на граѓаните.
„Наша обврска како влада е да поставиме луѓе што имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност. Луѓе што ќе работат посветено, професионално и чесно, во служба на државата и на сите граѓани“, рече Мицкоски.
Пратеничката Даниела Николова од СДСМ кажа дека Владата предлага заменици за два многу важни ресори, но и дека одлуката е политичка, со што се потврдува дека приоритет не е компетентноста, туку апетитите на владините партнери.
