СО ЗАКАНИ КОН ГРАДОНАЧАЛНИКОТ И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО САКАЛ ДА ИЗНУДИ ПАРИ - МВР поднесе кривична пријава против млад жител на Неготино
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против млад неготинчанец кој му се заканувал на градоначалникот и на неговото семејство за загрозување на сигурноста и изнуда.
- Отсекот за компјутерски криминал при СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против М.Ј.(28) од Неготино поради постоење на основано сомнение дека сторил кривични дела „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 4 и 5 и „изнуда“ во обид по член 258 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Имено, тој креирал лажен профил на социјална мрежа и на 02.09.2025 на платформа за интернет комуникација испратил порака на профил кој го користи градоначалникот на општина Неготино, со закани кон него и неговото семејство, а во која, исто така, се обидел и да му изнуди пари - се посочува во соопштението на МВР.
Потоа, додаваат дека на 04.09.2025 во три наврати и на 05.09.2025 на друг профил што го користел градоначалникот, повторно испратил текстуални пораки со закани кон него, неговото семејство, како и кон кандидатот за градоначалник.
- Исто така, на 19.09.2025 испратил пораки на службените електронски пошти на Министерството за внатрешни работи, општина Неготино и на новинар со закани кон приврзаници на политичка партија во Неготино. На 19.09.2025 од страна на полициски службеници М.Ј. е лишен од слобода - се посочува во соопштението на МВР.
Слично
