Економија, финансии, бизнис

Контакт

СО ЗАЕМ ОД 40 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ОБНОВУВАМЕ СТУДЕНТСКИ ДОМОВИ – се задолжуваме кај КфВ, рокот за отплата е 15 години, еве ги деталите

СО ЗАЕМ ОД 40 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ОБНОВУВАМЕ СТУДЕНТСКИ ДОМОВИ – се задолжуваме кај КфВ, рокот за отплата е 15 години, еве ги деталите

Македонија ќе земе кредит од 40 милиони евра од Кредитната банка за обнова – КфВ кој ќе биде наменет за финансирање на Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и објекти за ученици. Како што е наведено во законот доставен до пратениците вкупниот износ на заемот кој ќе го додели КфВ изнесува 40.000.000 евра. 

Заемот ќе и биде доделен на Република Северна Македонија со рок за отплата од 15 години, со вклучен грејс период до пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување, ќе биде варијабилна и ќе се пресметува како збир на: ЕУРИБОР за соодветниот период на камата и плус маргина која ќе се утврди на денот на склучувањето на Договорот за заем.

Македонија ќе и плати на Кредитната банка за обнова – КфВ еднократна провизија во висина од 1 отсто од износот на заемот, но исто така ќе мора да плаќа и провизија во висина од 0,25 отсто од неповлечениот дел од заемот. Крајниот рок за повлекување на средства од заемот истекува на 30.5.2031 година.

Предлагачите на ова законско решение посочуваат дека проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија, кој се финансира со заем од Кредитната банка за обнова – КфВ во износ од 20 милиони евра и грант средства од ЕУ во износ од 4,785 милион евра, опфаќа рехабилитација на државните студентски домови, со посебен акцент на зголемување на енергетската ефикасност на истите, како и обезбедување основни услови за престој во истите.

-  Со овој Проект опфатени се 9 државни студентски домови: „Стив Наумов“ - Скопје, „Кузман Јосифовски Питу“ - Скопје, „Томе Стефановски Сениќ“ - Скопје, „Браќа Миладиновци“ - Штип, „Народен херој Орде Чопела“ - Прилеп, „Никола Карев“ - Охрид, „Пелагонија“ - Скопје, „Кочо Рацин“ - Битола и мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ - Скопје. Проектот го спроведува Единица за имплементација, формирана во рамки на Министерството за образование и наука.

Со оглед на фактот дека обезбедените средства не се доволни за завршување на сите планирани проектни активности, се јави потреба од обезбедување на дополнителни средства за финансирање на овој проект како фаза 2. Исто така, Владата го проширува опфатот на овој проект, односно фаза 2 од истиот со вклучување на активности за реконструкција на основни и средни училишта со ресурсни центри, за ученици со посебни потреби, како и еден ученички дом во Велес – се нагласува во законското решение.

Притоа е посочено дека објектите не се енергетски ефикасни и не е извршена реконструкција подолг временски период, а од друга страна училиштата не се прилагодени за ученици со посебени потреби.

Во законот е образложено дека, за постигнување на плановите, Владата го задолжила Министерството за финансии во соработка со Министерството за образование и наука да достави барање до КфВ за обезбедување на средства во вкупен износ од 55.778.741 евра, од кои 40.000.000 евра заем и 15.778.741 евра грант. 

Барањето е доставено до КфВ на 27.01.2025 година. Банката одговорила позитивно во април 2025 година и ги известила дека како водечка меѓународна институција ќе додели грант средства преку инструментот WBIF-REEP+2 и на 11.7.2025 година Договорот за грант во износ од 5.500.000 евра е потпишан. Дополнително, КфВ додели грант во износ од 1,25 милиони евра и за истиот ќе се склучи Дополнителен договор за грант со КфВ.

-  Воедно, согласно барањето, а со поддршка на КфВ, во рамки на 11-от повик за апликации за инвестициски грантови во рамки на инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ), на 13.6.2025 година поднесена е апликација за инвестициски грант и грант за техничка помош во износ од 10,4 милиони евра (9,1 милион евра за инвестиции, остатокот за техничка помош и провизии за грантот) за Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентски домови и објекти за ученици/студенти со попречености во Северна Македонија – фаза 2. Апликацијата е во фаза на оценување и на почетокот на 2026 година се очекува известување од ВБИФ по однос на одобрување на истата. Преговорите по однос на текстот на Договорот за заем, кој ќе се склучи меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и Кредитната банка за обнова – КфВ, а со цел обезбедување на заемот во износ од 40.000.000 евра, сезавршени на 25.11.2025 година– се прецизира во законот кој е во Собранието.

Со Проектот се предвидува да се изврши енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови што вклучува зголемување на комфорот и подобрување на условите за живот на студентите, опремување на соби за студенти со посебни потреби, промена на водоводна инсталација во домовите и отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни ЛЕД светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија и сл.

Согласно утврдената динамика, реализацијата на работите е предвидена во 3 дела. Во првиот дел предвидена е реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје и истата е во тек. Во вториот дел е предвидена реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип и „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп. Во третиот дел е предвидена реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје и на студентските домови „Кочо Рацин“ во Битола и „Пелагонија“ во Скопје.

Се планира и реконструкција на основни и средни училишта со ресурсни центри, за ученици со посебни потреби (со оштетен вид, со оштетен слух, пречки во развојот и др.), како и еден ученички дом во Велес, кои не се енергетски ефикасни и во кои не е извршена реконструкција подолг временски период, а од друга страна училиштата не се прилагодени за ученици со ваков вид на потреби. Во објектите нема лифтови за лица со попречености, нема простории за нега на лицата со посебни потреби и др. 

П.О.

Слично

Поврзани вести