СО ВОЗИЛО ЗАГЛАВИЛЕ НА ГАЛИЧИЦА, ИАКО ПАТОТ ДО АПРИЛ Е ЗАТВОРЕН: Уште една спасувачка акција на ЦУК
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.792 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 38,06%, а 61,94% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62,90%, кон Итната медицинска помош 33,06%, а кон пожарникарите 3,23% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, 1.111 повици за итни случаи на 112, од вкупните примени, биле предмет на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање од делот „реални“ повици.
Пожарникарите од територијалните противпожарни единици (ТППЕ) од Радовиш, Прилеп, Гостивар и Куманово, гаснеле запалена ниска вегетација и имале други помали ПП интервенции на отворено на територијата на нивните општини, во текот на изминатото деноноќие и пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, имале три помали интервенции во градот и околината.
Рано утрово, по повик на 112 во ЦУК, од 05.00 часот па до 08.00 имаше спасителна акција на Галичица, што е успешно завршена во координација на Секторот за операции и координација во ЦУК. Конкретно, Регионалниот ЦУК Охрид, рано утрово, известува дека има заглавени лица со моторно возило на врвот на Галичица, иако тој патен правец е подолго време затворен за моторни возила. Веднаш се известени од Единицата за спасување на планина во Охрид, коишто, согласно временската видливост, итно се упатиле на терен за да помогнат и да ги извлечат, а секако и сите надлежни институции биле известени за натамошна постапка. ЦУК информира дека паралелно било комуницирано и со граѓаните од заглавеното возило за да се дознае повеќе за нивната состојба при што се информирани дека спасителите се на пат за нивно извлекување.
Инаку, согласно информацијата на АМСМ за сезонскиот режим на сообраќај, од 15.11.2023 година, патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови возила. се до 01.04.2024 година. На самото место била поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
Центарот за управување со кризи потсетува и апелира за превентивно дејствување против пожари, да не се палат стрништата и ниската вегетација во продолжениот викенд и секако, според препораките на пожарникарите, а и според индивидуалните согледувања од страна на граѓаните, да се внимава превентивно можности за евентуални пожари и во населени места.
Истовремено, ЦУК апелира и за внимателно возење на повисоките места каде што има снег и да не се вози по забранети патни правци на планините, како на пример преку Галичица.
ФОТО: Илустрација
