Со продаден имот од 4,5 милиони евра, исплатени придонесите на повеќе од 1.000 работници
Со комплетирани 4,5 милиони евра од стечајната маса се заокружи целосната исплата на придонесите на 1.020 работници од некогашното АД ТИПО-Скопје, кое покрај туланата, ги вклучуваше стоковните куќи „Меркур“ и три одморалишта во Охрид, Струга и Дојран.
Некогашното имотно претпријатие влезе во стечај во март 2005-та година поради долгови и нерентабилно работење, а како резултат на тоа многумина не можеа да дочекаат достоинствено пензионирање поради неплатени придонеси од септември 1997-ма. Во 2009-та дури имаше и протести пред Владата на РМ.
- Тоа беше приоритет според законот за исплата на претпријатијата во стечај. Остануваат платите и долговите кон доверителите, но веќе поголемиот дел од имотот е продаден. Остануваат уште неколку објекти од имотот „Партизанка“ во Драчево, додека од погоните во „Пролетер“ во Топанско Поле е распродадено се - изјави стечајниот управник Драги Момировски.
Ретроактивно стажот беше исплаќан прво за две и пол години, а последниот месец за пет години. Според законот, тој е исплатуван по пресметка на минимална плата.
А.К.
