Со повторувањето на судската постапка за Монструм, се отстранија сомнежите за монтиран процес, вели Јовески
Љубомир Јовески, државниот јавен обвинител, вели дека повторената постапка за случајот „Монструм“ ги отстранил сомнежите за монтиран процес.
Во интервјуто за Дојче веле обвинителот вели дека според него, најважно е што со повторената постапка, сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка.
„Пред се би сакал да кажам дека е погрешна перцепцијата во јавноста дека пресудата е укината само поради евентуално постоење на прислушувани разговори. По жалбата на обвинетите, Врховниот суд утврди дека вистинитоста на решавачките факти се доведува под сериозно сомневање и укажа дека при повторната постапка потребно е да се изврши реконструкција на настанот и од аспект на исказот на загрозениот сведок, дека на одбраната не и е овозможен увид во возилото со што е повреден принципот на еднаквост на оружјето, но и на други околности од утврдената фактичка состојба. Според тоа, без разлика на предлогот на јавниот обвинител по жалбата, очигледно е дека во конкретниот случај и Врховниот суд утврдил дека основано е да се уважат жалбите и предметот да се врати на повторена постапка“, вели Јовески во интервјуто.
„Ова од причина што за еден обвинет е повлечено обвинението, а за другите обвинети прецизирани се дејствијата од кривичното дело и се подведени под соодветна правна квалификација. Според тоа, во оваа постапка, по мое мислење, отстранети се противречностите и сомневањата во однос на извршеното неправо и конкретната кривична одговорност на обвинетите“, вели главниот републички јавен обвинител.
