СО ПОТРЕСНО ВИДЕО, СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО КОЧАНИ ПОВИКУВААТ НА МАРШ: „Не ни остана ништо друго освен борба за правда“
Маршираме од Плоштад Македонија преку Собранието кон Основниот кривичен суд. Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка.
Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тој топол априлски ден чекоревме сами, додека градот молчеше. Баравме институциите да нè видат и да нè сослушаат, а добивме само празни ветувања и лажна емпатија.
Од тогаш до денес марширајќи триесет пати во Кочани, не застанавме. Но тоа не е доволно.
Затоа, драги сограѓани, ве повикуваме во сабота масовно да излеземе на скопските улици. Да се погледнеме. Да се запознаеме. Да не чуете одблизу. Без посредници, без извртувања, без лагите и манипулациите кои се обидуваат да не поделат и претстават во лажно светло. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено нешто што остана на овој свет е борбата за правда, а неа не можеме да ја водиме без вашата поддршка.
Свесни сме дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но ако ја пронајдеме заедничката точка на сплотување и ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот.
