Со петиција се бара одговорност од Илиевски, Дамовски, Дурловски
Иницијативата Критична маса покрена петиција за спроведување истрага за иницијаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, на страницата Change.org.
Досега над 450 луѓе се потпишале на петицијата.
Петицијата ќе биде испратена до Јавното обвинителство и до Народниот правобранител.
„На 27 април 2017 година, на крвавиот четврток, во Собранието на РМ беа повредени преку 100 луѓе меѓу кои пратеници и лидери на новото парламентарно мнозинство, новинари, граѓани и полицајци. Напаѓачите беа демонстранти од протестите на движењето „За заедничка Македонија“, на кои со недели се ширеше говор на омраза и се повикуваше на насилство. Се слушаа извици од типот ‘чиста Македонија’, ‘нека разберат клетите шиптари’ и се предупредуваа пратениците дека ‘на сила може да излезат од Собранието на РМ’. Заедничкото соопштение на ЕУ, НАТО, САД и ОБСЕ ги квалификуваше настаните како „организиран напад врз Собранието“. Според пратениците кои беа нападнати истата вечер, се случи ‘обид за убиство’ на дел од народните избраници. И покрај сѐ ова, скоро две недели по крвавиот четврток, лицата кои се јавуваат како водачи за времетраењето на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, сѐ уште не се приведени или сослушани од јавното обвинителство за нивната улога во организираниот напад врз Собранието. Дури и продолжуваат со предводење на истите протести“ - стои во петицијата.
Затоа, ги повикуваме надлежните, пред сѐ Основното јавно обвинителство, да отворат истрага против горенаведените лица, со цел да се утврди нивната улога во упадот во Собранието и во насилствата од таа вечер“, пишува во петицијата на Критична маса.
