„Со оправдување насилство поради афера, само ќе им дадеме сила на насилниците“ - Адвокати за судењето на Стојанче за смртта на Ивана
„Одговорноста е исклучиво на сторителот, а не на жртвата“ - нагласуваат адвокатите во контекст на развојот на судењето на сопругот Стојанче Јовановски, по трагедијата што се случи во скопско „Тафталиџе“.
Дали тоа што за време на судењето на Стојанче Јовановски беа изнесени детали за приватниот живот на сопругата Ивана ќе влијае врз неговата казна? Дали тоа што некои поединци јавно застанаа со осуда и зборуваа за „љубовен четириаголник“ може да го измени правецот на судењето? Женски Магазин разговараше со адвокати на оваа тема.
Во текот на изминатите денови јавното судење против Стојанче Јовановски, кој е обвинет за семејно насилство и наведување на самоубиоство во случајот со трагична смрт на неговата сопруга Ивана и 6-годишната ќерка Катја беше во фокусот на јавноста.
Сведочеа мајката на Ивана, братот на Ивана, одделенската учителка на ќерката Катја, но се чини дека најголем одѕив на социјалните мрежи и воопшто во јавноста предизвика сведочењето на Мартин Саздов, кого обвинетиот директно го посочи како виновник за трагичната судбина на сопругата.

Мартин е поранешен пријател на Стојанче, кој призна дека во одреден период се вљубиле со Ивана.
Ова сведочење предизвика бурни реакции во јавноста: едни се децидни дека приватноста, во овој случај не би требало да има никаква врска со случајот и дека таа е ирелевантна во рамки на судењето, додека други, продолжија со промовирање на стереотипни и застарени убедувања и вршење на т.н. двојна виктимизација (односно повторен напад) врз жртвите.
Спомнувањата на т.н. „љубовен четириаголник“, на некаков си „пресврт во судењето“, не е поздравено ниту од јавноста, ниту пак од дел од адвокатската фела во земјава, кои се децидни во тоа дека „приватноста не треба и не смее да има никакво влијание врз пресудата што ќе биде донесена“.
Женски Магазин разговараше со адвокатката Наташа Бошкова од коалиција „Маргини“, како и со адвокатката Марта Гусар, кои во своето искуство во голем број случаи застапувале жртви на семејно насилство и се добро упатени во законската регулатива кај нас.
Имено, од нив побаравме одговор на прашањата дали претставувањето на Ивана како жена што имала врска додека била во брак може да влијае врз судењето, дали тоа значи дека би можело нејзиниот сопруг да добие помала казна?

Во крајна мера, дали тоа не е основа за уште повеќе да се зголеми недовербата во институциите, затоа што на крајот на краиштата жртвите се отсликуваат во негативна конотација и преку нивно оцрнување одбраната на обвинетиот се обидува да ја ублажи казната?
Според адвокатката Наташа Бошкова од коалција „Маргини“ тактиката на обвинување на жртвата и релативизирање на одговорноста на сторителот не е изолиран феномен ограничен на медиумски експонирани случаи.
Напротив, како што нагласува, оваа тактика претставува една од најчестите стратегии на одбраната во постапките за родово-базирано насилство.
„Жртвите систематски се прикажуваат како неморални, недоверливи или „соучесници“ во насилството.
Токму затоа улогата на судот е клучна, да постави јасни граници и да спречи овие наративи да влијаат врз текот на постапката, оценката на доказите и висината на казната.
Во конкретниот случај, фактот дека жртвата имала партнер е правно ирелевантен.
Тој не придонесува кон утврдување на фактите, ниту пак може да се користи како околност што го оправдува или ублажува долгогодишното насилство кое заврши со смрт.
Судот не смее да навлегува во приватниот живот на жртвата на начин што ја дискредитира, ниту да дозволува прашања што ја понижуваат или ја претставуваат како одговорна за насилството.
Напротив, ваквите аргументи директно произлегуваат од родови стереотипи и очекувањата за „прифатливо“ однесување на жените кои се во самата основа на родово-базираното насилство и се во насока на потврдување на профилот на сторителот“ – нагласува таа.
Според неа, прифаќањето на ваквите аргументи во судската постапка не само што ја нарушува правичноста на постапката, туку и испраќа порака дека насилството може да биде оправдано.
Таа нагласува дека и во минатото се случувало ваквите аргументации да влијаат и во судските одлуки, што само, по себе е загрижувачко.
„Неодамна, второстепен суд ја намали казната, повикувајќи се на љубомора и „тежок емотивен период“ на сторителот поврзан со приватниот живот на жртвата.
Ова претставува опасно отстапување од стандардите за заштита од родово-базирано насилство и е спротивно на законската рамка.
Затоа, судот има не само правна, туку и општествена одговорност. Со начинот на кој ги води постапките, ги оценува доказите и ги образложува одлуките, судот поставува стандарди што е недозволиво однесување, што се санкционира и чие однесување е предмет на правна оценка.
Во случаи на родово-базирано насилство, тој стандард мора да биде јасен - одговорноста е исклучиво на сторителот, а не на жртвата“ – нагласува таа.

Адвокатката Марта Гусар има слично мислење за случајот, при што нагласува дека мора да се спречи секој обид за двојна виктимизација.
„Ивана не се однесува како жена која имала афера. Тоа е нашиот менталитет – со споделувањето на таа информација, сите или повеќето си најдоа причина да го оправдаат насилството.
Впрочем, тоа е најневажната информација во целата постапка. Најважно е дека таа била тепана и малтретирана, заедно со малолетното дете.
Дали имала или немала афера не го менува фактот дека била угнетувана на секој можен начин“ – нагласува адвокатката.
Во ниту еден случај тоа не треба да влијае врз казната или врз самата постапка. Причина за насилство не постои. Тоа не претставува олеснителна околност за сторителот.
Искрено сметам дека оваа информација беше медиумски момент за повеќе кликови, повеќе драма и дополнително зголемување на трагедијата што веќе се случи.
Во текот на изминатите денови видовме реакции кои беа на место и правилни, па се надевам дека нема да се продолжи со двојна виктимизација и постхумно нарушување на достоинството“ – нагласува таа.
Според неа, најважно е да се спречи повторна виктимизација и да не се нарушува достоинството на жртвите, мајката Ивана и ќерката Катја кои и онака долги години биле жртви и трепеле семејно насилство.
„Поентата е да нема повторна виктимизација, а не дали судот ќе го земе тоа како олеснителна околност. Како што напоменав, причина за насилство не постои. Ако дојдеме до момент да оправдуваме насилство поради афера, како што имаше и такви коментари, тогаш ќе им се даде сила на насилниците и на моралистите.
Одбраната, како одбрана, треба да си го изработи предметот. И на Стојанче му е потребна одбрана. Што ќе каже одбраната е друга работа. Кај нас сè уште сме далеку од потребната сензибилизираност на бранителите, особено во вакви случаи, па сè може да се очекува, но не и поблага казна за сторителот поради таа причина.
А медиумите да не вршат двојна виктимизација е поважно од сè друго“ – нагласува Гусар.
Стојанче Јовановски, кој е обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана Стојаноска на втори март, на почетокот на судењето прво се изјасни за виновен за тешка телесна повреда при семејно насилство и загрозување на сигурноста (нејзина и на детето), а потоа се премисли.
„Се чувствувам виновен само за тешка телесна повреда во семејно насилство и за загрозување на сигурноста, зашто ме изневеруваше. Не сум ја натерал да се самоубие. Мартин Саздов ја наведе на самоубиство. Он ѝ се закануваше, он ја натера на самоубиство”, почнал да плаче обвинетиот.
Во рамки на судењето досега повеќе лица сведочеа за тешките телесни повреди што Ивана ги трпела од сопругот, за малтретирањето и за понижувањето.
Тој често ја тепал и навредувал, и дома и на јавни места, дури и пред нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка и ќе ѝ го одземе детето. На критичниот ден, по нов бран насилство и закани, жената се вратила дома со детето со намера да си замине. Но, доведена во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност, таа извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со малолетното дете.
Билјана С. Боневска