„Со ОЈО-ГОКК кое бара куќен притвор за „Пуцко“, раководи куќниот пријател на Ахмети“: Мојсоска со остри критики по најновите апсења
Приведувањето и притворот за повеќе лица меѓу кои и некогашниот директор на Спортскиот центар Борис Трајковски, Ратко Капушевски, а кој е поврзан со компанијата за увоз на нафтени деривати, и со кого се поврзува Асмир Јахоски, син на пратеник од редовите на ДУИ, беше повод за реакција и од опозициската Левица.
Имено, поради сомнителни набавки на деривати, беа приведени Ратко Капушевски и Асмир Јахоски по наредба на судија на претходна постапка. По направените разговори, Обвинителството за едниот обвинет побара притвор, додека за другиот домашен притвор. Пратеничката од редовите на Левица Јована Мојсоска, во објава на социјалните мрежи го постави прашањето зошто едно од барањата е преиначено иако станува збор за исти случај.
- Капушевски оди во притвор, Пуцко Петрол во куќен притвор. Која е разликата помеѓу Капушевски и Пуцко Петрол, што обвинителот го преиначи барањето за притвор во куќен притвор? - напиша Мојсоска на социјалните мрежи.
Имајќи ги во предвид претходните бегства на бизнисмени и политичари од државата во време кога против нив е отворен предмет за сторено кривично дело, како примерите за Васко Ковачевски (конкретно поврзано со овој случај) или Артан Груби, Мојсоска истакна дека не е логично, за ваков случај обвинителството да оценува дека не постои опасност од бегство.
- Откако избега Васко Ковачевски (кој директно е поврзан со набавката на мазут каде е замешан Пуцко Петрол), како обвинителот проценал дека нема опасност за бегство во случајот со Пуцко?! Во конкретниов случај, веќе има едно лице кое е недостапно за органите на прогонот, а сепак Обвинителство проценува дека нема опасност за бегство - потенцира пратеничката од редовите на Левица.
На крај пратеничката истакна дека Ислам Абази, кадар на ДУИ кој важи за близок до Ахмети, раководи со ОЈО-ГОКК и ова го потенцираше како причина зошто барањата за притвор се селективни.
- Иначе со ОЈО-ГОКК, кое бара куќен притвор само за Пуцко, раководи куќниот пријател на Ахмети, Ислам Абази. Затоа од ДУИ функционер не смее да оди во притвор.
