СО НЕИСПРАВНИ СОПИРАЧКИ ВОЗЕЛ 85 ДЕЦА, 37 НАД ДОЗВОЛЕНОТО: Полицијата го откри при контрола
Полицијата во Скопје запре автобус кој возел 85 деца, а утврдено е дека имал неисправни сопирачки и скршено ветробранско стакло.
Полицијата утрово запрела автобус полн со деца на булеварот Борис Трајковски во Скопје, откако е утврдено дека возилото е преполно и технички неисправно.
Контролата ја извршила мобилната единица на Министерство за внатрешни работи во 07:45 часот. Во автобусот, кој вршел организиран превоз на деца, се затекнати 85 патници, иако според дозволата максимално смееле да се превезуваат 48. Тоа значи дека имало 37 деца повеќе од дозволеното.
Автобусот го возел 63-годишен возач со иницијали Ј.Д. од Скопје. По контролата, возилото е испратено на вонреден технички преглед, каде стручни лица утврдиле сериозни дефекти. Сопирачките биле неисправни, а дополнително е констатирано и скршено ветробранско стакло, што ја намалувало видливоста.
Поради овие неправилности, санкционирани се правниот субјект, одговорното лице и возачот. Автобусот е исклучен од сообраќај додека не се отстранат недостатоците.
Од полицијата апелираат превозниците строго да ги почитуваат правилата, особено кога станува збор за превоз на деца, за да се избегнат сериозни последици.
фото МВР