Економија, финансии, бизнис

Контакт

СО МАСКИ НА ВЕНЧАВКА: Колку бракови се склучени во изминативе месеци?

СО МАСКИ НА ВЕНЧАВКА: Колку бракови се склучени во изминативе месеци?

Македонија од 18 март е во вонредна состојба поради епидемијата на коронавирусот, а во меѓувреме бракови се склучуваат во матично при што мора да се почитуваат мерките за заштита.

Маските и ракавиците се задолжителни.

„Бракови се склучуваат само во матичните канцеларии, со маска и ракавици, со присуство на двајцата брачни другари и двајца сведоци, без никакви церемонии. Така е засега, до понатамошни насоки. Секако дека бројот на склучени бракови во Скопје е поголем, затоа што тука се две третини од населението во Македонија. Податоци имаме за јануари, февруари, и март 2020 година, при што за јануари има 1.046, за февруари 922 и за март 507 бракови на ниво на државата, додека за април се уште нема податоци“, велат од Управата за водење на матични книги.

Но, голем број двојки ги одложуваат венчавките додека да се нормализира состојбата во државата.

„Многу е паднат бројот на венчавки поради пандемијата. Има мал дел на двојки кои откажаа венчавки, но другите кои планирале да стапат во брак воопшто не доаѓаат да закажат регистрација. Знаеме дека во време на Велидегденските пости, во текот на тие 7 недели, православните верници избегнуваат да склучуваат бракови, а ударно е во текот на летото и тогаш има најмногу венчавки. Сега се венчаваат оние двојки кои очекуваат дете, и нив им се брза за регистрација. Оние кои ќе дојдат, се знае дека мора да ги почитуваат мерките, да биде тоа минимален број на луѓе, да носат маски. Кога состојбата ќе се нормализира не знаеме, ќе чекаме насоки од властите. Се надеваме дека се ќе се врати во нормала што поскоро во интерес на сите“, велат од матично во внатрешноста на Македонија.

За организирање на свадби во услови на коронакриза во разговори со економските оператори ќе се утврдат критериуми за распоредот на масите и дистанцата што треба да се одржува. Ќе има генерален протокол кој би се модифицирал зависно од специфичноста на објектот.

До средината на месецов треба да бидат познати деталите.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести