Економија, финансии, бизнис

Контакт

СО МАСКИ ИЛИ БЕЗ МАСКИ-ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ ПОЧНА ДЕНЕСКА: Родителите, професорите и епидемиолозите со разни предлози

СО МАСКИ ИЛИ БЕЗ МАСКИ-ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ ПОЧНА ДЕНЕСКА: Родителите, професорите и епидемиолозите со разни предлози

Со двенеделно одложување поради епидемиолошката состојба во Македонија, денеска стартува второто полугодие за учениците во основните и средните училишта, а како што одлучија здравствените власти, наставата продолжува со физичко присуство.

Но, дискусиите сега се водат во насока дали учениците, особено оние во пониските одделенија треба да на часовите да бидат со маски или да не носат, или пак да имаат избор. Оние кои сакаат, да си ги носат, другите кои не сакаат, да не бидат обврзани да ја носат маската. Родителите и на ученици во средните училишта, но и родителите на ученици во пониските одделенија во основните училишта со кои разговараше Фактор сметаат дека е најдобро да има избор.

-Ниту возрасните веќе, каде и да се на работните места, особено во владините институции, судовите, министерствата, не носат маски цел ден. Невозможно и неиздржливо е децата цел ден да не смеат да ја тргнат маската. Треба здравствените власти да донесат поинаква одлука, да постои избор. Најмал процент на заразени има меѓу децата. Целосно се согласувам со мислењето на професорот Даниловски, возразните треба да носат маски, да бидат вакцинирани, да имаат примено и трета доза, а не децата веќе цели две години да бидат жртви, вели Кони Р, мајка на ученик во четврто одделение.

Истовремено и наставниците нагласуваат дека маските во училиштата веќе и не се толку потребни кога сите кафулиња, ресторани, ноќни локали...работат најслободно без никакви ограничувања, а во нив се дружат и малолетници за кои ковид-сертификатите не важат.

-Мерката-носење маски во училница-е безпредметна. Учениците освен што навечер излегуваат, тие имаат и низа воншколски активности каде што не носат маски. Одат на пливање, одат на балет, играат кошарка, фудбал, на сите овие активности се без маски. Нема логика тие деца во училница да седат со маски, вели професорка во едно од средните училишта.

Од друга страна, пак, епидемиологот и поранешен член на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Стојанов, за Фактор вели дека маските засега се потребни, барем додека да помине и овој бран.

-Сега кога имаме голем број новозаразени, лично сметам, особено како епидемиолог, дека маските во затворена просторија, каде што има по 30-35 ученици се каква-таква заштита. Ќе се смири и овој бран, а потоа може да се размислува за некоја поинаква мерка. Тоа што сакам да го нагласам е дека ниту една мерка до крај не беше испочитувана. Ако граѓаните, посебно помладите имаа повисока свест, можеби и немаше да имаме ваква епидемиолошка состојба. Вакцините беа далеку од нас, а свадби, журки и што ли се не се правеа на секој чекор. Сега и ова одбивање на примањето вакцини, зошто? Веќе има големи студии дека вакцините ја дадоа заштитата против тешка форма на болеста и против смрт, посочува епидемиологот Стојанов.

Во објава на Фејсбук, професорот Нико Беќаровски дава неколку предлози:

Сите ученици кои сакаат да посетуваат настава во живо да се вратат во училишните клупи, а останатите (позитивните и тие кои се плашат од зараза), да ја следат онлајн, присуствувајќи физички само при тестирање и оценување. За сите наставници и ученици со симптоми да биде обезбедено тестирање секој понеделник, а сите позитивни наставници кои ќе бидат со општа добра здравствена состојба, да им се дозволи држење на наставата од домовите, без да им се одзема процентот за боледување, кој и не е така мал. После тоа сметам училниците треба да се проветруваат 5 минути по секој завршен час, а никако во текот на самиот час“, предлага Беќаровски.

Посочува и дека пред почетокот на наставата, за време на големиот одмор и по часовите, треба задолжително да се дезинфицираат сите простории, а во однос на најмладите ученици, односно до петто одделенија, за носењето маска треба одлука да донесат родителите со писмена изјава.

Комисијата за заразни болести на денешната седница, како што вчера најави министерот за здравство Беким сали, ќе решава како и кога ќе биде спроведен скринингот во училиштата. Според Сали, скринингот ќе биде изведен преку центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи. „Првата недела е многу важна за да се реагира брзо доколку има потреба од преземање на дополнителни мерки“, изјави Сали.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести