„СО ЛАГИ И НЕЧЕСНОСТ САМИ СЕ ЗАКОПАА И ЈА ЗАГУБИЈА ДОВЕРБАТА“: Груевски со нова порака 'уште тераат со истата матрица'
Пуштањето во употреба на патот Фариш-Дреново ја разбранува јавноста, но најмногу поради политичките препукувања за тоа која партија имаше најголем уддел во неговата изградба.
Пред Владата официјално да го пушти патот, се јавија од опозициска СДСМ со порака, ние изградивме најголем дел од патот, ВМРО се кити со туѓи перја.
На истата тема се огласи и некогашниот премиер, избеган во Унгарија, Никола Груевски, кој исто така тврди дека најголем дел од работите на оваа делница се завршени во негов мандат.
- ЛАГА!!! Лага е дека СДСМ завршила 90% од работите на делницата Фариш-Дреново, кој е 10 километарски дел од експресниот пат Градско-Прилеп. Немам податок колку во оваа една година завршила актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ, но знам дека во времето на владата која јас ја предводев се заврши околу 40-50 проценти од градежните работи, одкако претходно 2-3 години макотрпно ги заврши сите подготовки за почеток на градбата: физибилити студија и разни елаборати, целосна урбанистичка документација, целосно проектирање на експресниот пат, долга процедура на аплицирање и добивање заем, и решавање на многу почетни проблеми кои вообичаено се јавуваат во вакви проекти особено на теренот - напомена Груевски во својата објава на Фејсбук.
Потоа додаде дека овој експресен пат за прв пат го ветиле во програма и активно работеле на него.
- По смената на власта во 2017 година, имаше еден подолг застој на градежните работи од неколку години, во кој во сред градење имаше и нов тендер за градба, пред да продолжи градбата со прилично бавно темпо. Со лаги и нечесност сами се закопаа и ја загубија довербата и власта со катастрофална казна од страна на електоратот. И уште тераат со истата матрица - укажува Груевски.
