Економија, финансии, бизнис

Контакт

Со која вакцина ќе се вакцинираме и кога да ја очекуваме: Филипче на средба со Координативното тело за вакцини

Со која вакцина ќе се вакцинираме и кога да ја очекуваме: Филипче на средба со Координативното тело за вакцини

Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска ќе има работен состанок  со Координативното тело за вакцини за Ковид-19 преку КОВАКС механизмот кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација.

Министерството за здравство информира дека на состанокот ќе се разгледува стратегијата за имунизација со вакцина за Ковид 19 како и за приемот и дистрибуцијата на вакцините. Истовремено ќе се разговара за категориите на граѓани кои ќе бидат први вакцинирани, како и текот на постапката на вакцинација. Освен тоа, како што соопштува Министерството за здравство, на денешната средба ќе се разгледаат и искуствата на европските земји во делот на подготовките за вакцинација.

Инаку, пред нешто повеќе од две недели премиерот Зоран Заев истакна дека се обезбедени пари во буџетот за набавка на вакцината против корона вирусот и дека авансот најверојатно ќе биде платен, сега, односно  на почетокот на декември. .

За да биде вакцинирано 20 отсто од населението во Македонија се потребни 800.000 дози вакцини против КОВИД-19, заради што 390.000 милиони денари или 6,7 милиони евра се планирани во буџетот.

Здравствените власти досега говореа дека земјава најверојатно ќе ја набави оксфордската вакцина, но завчера министерот Филипче истакна дека вакцинацијата против Ковид-19 ќе биде една од најголемите логистички операции на македонскиот здравствен систем и веќе се работи на групите на граѓани за кои ќе има препорака да ја примат оваа вакцина.

-Вакцинацијата ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да ја спроведе здравствениот систем, за што веројатно ќе ни треба помош и од други сектори - да се примат вакцините, соодветно да се чуваат, да се транспортираат, дистрибуираат до местото каде што ќе се аплицираат на лицата кои претходно ќе бидат селектирани како ризични групи што треба да ја примат вакцината, и ние веќе на ова поле сериозно работиме. Искомуницирани се сите вакцинални пунктови и една американска фондација. Добивме помош со фрижидери со температура до – 70 за вакцината на „Фајзер“ единствена којашто е на таа температура, но ние мора да обезбедиме услови и за таа вакцина, изјави министерот во емисијата Клик плус на ТВ 21.

Велика Британија, пак, завчера објави дека ја одобри вакцината на Фајзер и Бионтек, која според досегашните испитувања дава дури 95 отсто заштита, за разлика од окфордската која покажа 70 проценти ефикасност.

Сепак, голема предност на вакцината од Оксфорд е тоа што е многу поевтина и полесна за чување и транспорт во споредба со вакцината на Фајзер и Бионтек, за која овие денови се прави голем логистички зафат како да се дистрибуира до Велика Британија, бидејќи мора да се чува на -70 степени.

За разлика од владата на Велика Британија која веќе целосно ја одобри оваа вакцина и во наредните денови треба да започне имунизацијата, во останатите европски земји не се знае кога ќе биде одобрена, бидејќи се чека одлука од Европската агенција за лекови.

Во Србија, пак веќе пристигна вакцината на Спутник, произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“, која на 11 август доби потврда за регистрација од руското Министерство за здравство и стана првата регистрирана вакцина против коронавирусот во светот.

Анита Буховски

Слично

Поврзани вести