Економија, финансии, бизнис

Контакт

Со климатските промени се шират и опасни плевели – дали Македонија е подготвена да реагира навреме?

Со климатските промени се шират и опасни плевели – дали Македонија е подготвена да реагира навреме?

Климатските промени придонесуваат за ширење на опасни плевели, а Македонија не е исклучок и веќе се појавуваат инвазивни растенија кои треба брзо и ефикасно да се сузбијат, за да не предизвикаат штети на земјоделството, сточарството и на екосистемите. Сашко Тодоров, диплоплимиран инженер биолог во Здружението „Ековита“ од Неготино вели дека додека светот зборува за климатските промени, сушите и екстремните временски услови, една друга закана тивко се приближува и веќе остава сериозни последици врз природата и земјоделството – инвазивните туѓи видови.

„Македонија веќе ја почувствува цената на задоцнетата реакција. Пред само неколку години, шимшировиот молец го уништи речиси целиот природен и декоративен шимшир во државата. Зеленилото што со децении ги красеше парковите, манастирите, дворовите и шумските предели исчезна за кратко време, а штетите и денес се видливи. Денес пред нас стои нов предизвик – сребренолисниот зрнец (Solanum elaeagnifolium), еден од најопасните инвазивни плевели во Европа. Овој вид веќе е регистриран на повеќе локации во државата и претставува сериозна закана за земјоделското производство, пасиштата и природните екосистеми. Искуството покажува дека неговото отстранување не може да се реши со една акција. Дури и кога растението ќе се искорени, од преостанатите делови на коренот повторно никнуваат нови изданоци, што бара повеќегодишен мониторинг и континуирани интервенции“, вели Тодоров.

Но, како што објаснува, Solanum elaeagnifolium не е единствената закана, туку климатските промени, повисоките температури, глобалната трговија и интензивниот транспорт создаваат услови во Македонија да пристигнуваат нови инвазивни растенија, инсекти, габи и други организми кои можат да предизвикаат сериозни последици врз биолошката разновидност, земјоделството, шумарството и здравјето на екосистемите.

„Прашањето повеќе не е дали ќе се појават нови инвазивни видови, туку дали ќе бидеме подготвени навреме да ги откриеме и спречиме. Потребен е национален систем за рана детекција, мониторинг и брза реакција. Потребни се обучени институции, научна поддршка, активни граѓани и современи дигитални алатки за мапирање и следење на новите жаришта. Секој ден изгубен во реакцијата значи поголеми економски трошоци и потешко обновување на природата. Здружението „Ековита“ смета дека е време Македонија да премине од реактивен кон превентивен пристап. Наместо да ги броиме штетите откако инвазивните видови ќе се прошират, треба да изградиме национална отпорност – систем што ќе овозможи рано предупредување, брза интервенција и координирано дејствување. Инвазивните видови не ја признаваат административната граница, не чекаат институционални процедури и не прават разлика меѓу заштитени подрачја и земјоделски ниви. Затоа и нашиот одговор мора да биде брз, научно заснован и заеднички. Бидејќи следната еколошка криза нема да нè праша дали сме подготвени – туку ќе покаже дали сме научиле нешто од претходната“, додава Тодоров.

Од „Ековита“ велат дека сребренолисниот зрнец преку волонтери го лоцирале и во Велес, Струмица, Гевгелија, Кавадарци и Штип. Во штипското село Караорман, лани од растението се затру стадо овци. Се препоставува дека ова растение со помош на шлеперите од Грција е пренесено на македонска територија.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести