СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ОБЈАВЕНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ШТО НЕ ПОДНЕЛЕ ИЗЈАВА ЗА ИМОТНАТА СОСТОЈБА: Меѓу нив се и дел од старо новите скопски градоначалници
Дарко Костовски, Курто Дудуш, Орце Ѓорѓиевски се дел од градоначалниците кои не поднеле изјава за имотната состојба по изборот за градоначалничка функција, соопшти вчера ДКСК.
Меѓу новоизбраните градоначалници е и името на актуелната градоначалничка на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, Менди Ќура, Иван Јорданов, Александар Стојкоски и други. Имињата на сите градоначалници кои не поднеле изјава може да ги видите тука.
Законска обврска да пријават имотна состојба ја имаат и градоначалниците по престанувањето на градоначалничкиот мандат. Па и тука, Орце Ѓорѓиевски, Дарко Костовски, Стевче Јакимовски се наведени како градоначалници кои не ја запазиле законската процедура. Се споменува и името на екс градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која вчера до медиумите испрати реакција дека за тоа дознала дури вчера и дека претходно никој не ја известил дека требала да даде изјава за имотната состојба. Листата на сите градоначалници кои не поднеле изјава за имотната состојба може да ја погледнете тука.
Инаку, вчера Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), констатирала дека 35 поранешни и 19 новоизбрани градоначалници не ја испочитувале законската обврска за пријавување имотната состојба.
Од ДКСК појаснуваат дека согласно со член 82 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси сите избрани градоначалници на Локалните избори 2025 година имаат обврска, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, да поднесат изјава за имотна состојба и интереси. Исто така, согласно со член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, истите имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба.
- ДКСК изврши проверка во регистерот на имотна состојба и интереси и ја констатира следната состојба: 35 лица по престанок на функцијата – градоначалник, немаат поднесено изјава за имотна состојба и интереси и 19 лица по изборот на функцијата – градоначалник, немаат поднесено изјава за имотна состојба и интереси, за кои ќе иницира постапки согласно закон, со издавање прекршочен платен налог, се наведува во соопштението.
ДКСК најаува ќе ја следи состојбата и за сите наведени лица, кои и понатаму нема да ја исполнат законската обврска за доставување изјави, ќе иницира постапки за проверка на нивната имотна состојба и интереси.
