Со француското „не“ засега не ја „отсакавме“ ЕУ, ама сметаме дека се нефер и надмени
И покрај француското „не“ во октомври, граѓаните од земјава се „за“ членство во Европската унија, но многу повеќе од нив сметаат дека овој однос на ЕУ е нефер, надмен и уценувачки.
Најновите резултати од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР, за мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата во институциите, во организација на Центарот за европски стратегии ЕВРОТИНК, говорат дека мнозинството од граѓаните сметаат дека тоа е добра и корисна работа за земјата, и остануваат оптимисти за добивање датум за преговори на пролет.
Магдалена Лембовска од ЕВРОТИНК, која ги презентираше резулттите од анкетното истражување истакна дека непосредните влијанија на француското вето за почеток на преговори за Северна Македонија врз поддршката на македонските граѓани за пристапувањето, се минимални.
Мнозинството граѓани, или 56,8 отсто, како главна причина за неотпочнуввањето на преговори го посочуваат неспроведувањето реформи на домашен план, додека малцинството, околу една четвртина како причина ги посочуваат внатрешните случувања во Унијата. Сепак, повеќе од половина од граѓаните очекуваат почнување на преговори во мај 2020 година.
За разлика од претходните анкети, сега, за неполни два месеци драстично е зголемен процентот на граѓани кои односот на ЕУ кон земјава го оценуваат како „нефер, надмен и уценувачки”, што се должи на чувството на изневереност на очекувањата. Овој процент бил 30,3 во октомври, а на крајот на ноември оваа година е зголемен на 44,4 отсто. Лембовска од ЕВРОТИНК оцени дека доколку продолжи овој тренд, тоа ќе влијае врз перцепцијата на граѓаните врз ЕУ, а со тоа и на поддршката.
Анкетата покажува дека секој петти граѓанин верува дека Македонија нема пријатели во меѓународната заедница, а според граѓаните најголемите „закани” за земјава доаѓаат од соседството.
На прашањето која држава или меѓународна организација е најголем пријател на Македонија, 18,3 отсто одговориле ниту една, 16,2 проценти одговориле дека најголем пријател е Германија, по што следуваат Србија со 11,8, САД со 9,7, Турција 7,4, ЕУ 4,8 и Русија 4,7 отсто.
Од анкетираните граѓани, 36,4 отсто сметаат дека земјава може да очекува влез во ЕУ во наредните пет години, додека 67,9 отсто се на мислење дека државава ќе влезе во Унијата во следните 10 години.
На прашањето дали ЕУ е најдобра алтернатива или земјава треба да бара сопствен модел на развој надвор од ЕУ, 55 отсто одговориле „да”, додека 40,8 отсто сметаат дека не е најдобра алтернатива.
