СО ДЕНОВИ ГОРИ ДЕПОНИЈАТА ВО КОЧАНИ ВО КОЈА ИМА И МЕТАН: Се бара начин да се изгаси
Со денови чади депонијата во близина на Кочани. Дополнителен проблем е што во близина на депонијата има метан и гасењето е отежнато. Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов кој денеска бил на терен рече дека ова е сериозен проблем за населението поради што од денеска е ангажирана специјализирана фирма за гасење ваков вид пожари и дека постојано се работи на терен.

-Повторно сме сведоци дека поради неодговорното однесување на поединци е предизвикан пожар во градската депонија. Во текот на денешниот ден поднесовме пријава до Министерството за внатрешни работи, бидејќи имаме основано сомневање дека се работи за подметнување на пожарот на повеќе места. Во текот на претходните денови извршивме подготвителни активности, заедно со механизацијата на КЈП „Водовод“ – Кочани и ТППЕ – Кочани и од денеска ангажиравме и специјализирана фирма за гасење на ваков вид пожари. Почнато е со дејствување, но бидејќи се работи за специфично гориво, односно метан, гаснењето ќе биде многу тешко и ќе одзема многу човечки ресурси, енергија и средства. Апелираме до надлежните органи да го истражат случајот и ваквите неодговорни граѓани кои предизвикуваат пожари бидат изнесени пред лицето на правдата – истакна Иван Иванов, директор на КЈП „Водовод“ – Кочани.
