Со цигла го скршил прозорецот, одзел 1.580 евра и 2.000 денари и го нападнал сопственикот
Oбвинителството поведе истрага за разбојничка кражба.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка и предложи мерка притвор за лице осомничено за – Разбојничка кражба според член 238 став 1 од Кривичниот законик.
„На 19 октомври осомничениот со цигла го скршил стаклото на прозорецот од спалната соба во куќа на улицата „Благоја Стефковски”. Влегол во куќата и пребарувал, па во една од собите пронашол и одзел 1.580 евра и 2.000 денари и се обидел да го напушти местото. Сопственикот на куќата го забележал и сакал да го спречи, но осомничениот физички го нападнал, го турнал во грмушките во дворот и избегал“, се наведува во соопштението од ОЈО.
Притвор бараат поради опасноста од бегство, можност за влијание врз сведоците и оштетениот, како и ризикот осомничениот да го повторува делото.
