Со акцијата на град Скопје дваесет деца добија дрво со свое име
Симболично започна проектот на град Скопје „Дрво за
секое дете“. Денес на кејот на Вардар беа поставени дваесетина плочки со имиња на
новороденчиња, на дрвја кои беа засадени во минатата акција за зазеленување на
градот.
„Денеска, заедно со родителите на пријавените дечиња, почна проектот „Дрво за секое дете“ што го работиме заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и гинеколошко-акушерските болници во Скопје. Во наредниот период уште 300 дрвја во градските дрвореди и паркови ќе добијат плочки со имиња на новородените деца во чија чест е засадено тоа дрво. Особено се радувам што овие деца ќе растат истовремено со дрвјата и ќе можат да го следат растот на своето дрво. Со тоа, на симболичен начин сакаме да создадеме врска меѓу градот и неговите сегашни и идни граѓани. Плочките се напишани на јазикот што ќе го одберат родителите. Нам ни е битно детето да се врзе за овој град“, истакна градоначалникот на град Скопје Петар Шилегов.
Шилегов ги повика идните родители да ги пријават своите деца за учество во оваа акција.