СО 160.000 ЕВРА СЕ КУПЕНИ САМО ДВА ЛАСЕРИ КОИ НЕ БИЛЕ ВО УПОТРЕБА: Ревизорите открија сериозни проблеми на Клиниката за дерматологија
Клиниката за дерматологија се соочува со значајни финансиски
и оперативни предизвици, покажува најновиот ревизорски извештај. Државниот
завод за ревизија утврди неправилности во управувањето со лековите за ретки
болести, финансиското работење и реализацијата на здравствените услуги.
Недостаток на контрола врз лековите за ретки болести
Една од најголемите слабости е отсуството на сметководствена евиденција за примените и потрошените лекови за ретки болести. Во 2023 година, Клиниката примила лекови во вредност од 37,4 милиони денари, но во интерните евиденции се прикажани издадени лекови во вредност од 27,4 милиони денари, што создава разлика од 8,8 милиони денари. Во текот на ревизијата направен е попис и побарани се податоци од пациентите за видот и количината на лекови кои ги имаат подигнато од Клиниката, а поради природата на болеста ги немаат потрошено, при што е утврдено дека пациентите располагаат со лекови во вредност од 31.748 илјади денари, од кои 39 отсто се лекови со поминат рок.
Нефункционална набавка на опрема
Ревизорите забележуваат дека Клиниката добила 13 милиони денари за набавка на апарати и лекови, без претходно стручно образложение за потребата од истите. Од оваа сума, речиси 10 милиони денари биле потрошени за два ласери, кои до денот на ревизијата сè уште не биле ставени во употреба.
Намален обем на услуги, зголемено финансирање
Податоците од системот „Мој Термин“ покажуваат дека во 2023 година биле извршени помалку здравствени услуги (36.988) во споредба со 2022 година (37.733), иако договорниот надоместок за Клиниката бил зголемен од 88,6 милиони денари на 92,1 милиони денари. Процентот на реализација на договорениот надоместок дополнително се намалил од 43 отсто на 40 проценти.
Системски проблеми и ненаплатени побарувања
Во извештајот се наведува и дека Клиниката се соочува со ненаплатени побарувања од Министерството за здравство во висина од 1,3 милиони денари, чија наплата е неизвесна.
Ревизорите препорачуваат итни мерки за подобрување на транспарентноста, финансиската контрола и ефикасноста на Клиниката.
