Снежните патишта предизвикуваа верижни судири и излетувања
Синоќа на патот Велес – Штип се случи сообраќајна несреќа во која учествувале повеќе возила во верижен судир, потврдија од СВР Велес, со три полесно повредени лица. Еден од возачите загубил контрола над возилото по лизгавиот пат и удрил во една од препреките крај патот, а потоа неможејќи да се контролираат, уште неколку возила удриле едно во друго.
„Кај местото Три Чешми во услови на снег и лизгав коловоз се случила сообраќајна незгода во која учествувале 6-7 возила. Најпрво едно возило удрило во столпчиња, а во него потоа се случил верижен судир. Три лица се со полесни повреди. Нема застој во сообраќајот и истиот непречено се одвива. Полицијата врши увид“, изјавија од СВР Велес.
Синоќа извртен камион го блокираше автопатот Скопје-Гевгелија, на околу два километра пред Неготино, но без повредени. Митко Вангелов од Неготино кој со камион се враќал од Скопје, помогнал со сајла да се извлече возилото, потврди возачот за МИА.
Од неготинската полиција го потврдија настанот, но од МВР засега нема повеќе детали.
