Снегот причина за пропуштање на наставата на ученици од три струмички села
Поради снегот, учениците од селата Рич, Попчево и Раборци денеска не стигнаа на настава во училиштето „Маршал Тито“ во Струмица. Патот до нивното училиште е затрупан со снег и е непрооден.
Од општина Струмица информираат дека се прават напори со механизацијата да се исчисти патот до овие населени места.
Оспособени за сообраќај се улиците во централното градско подрачје. Според информации од ЈПКД „Комуналец“ улиците се чистат од синоќа, а на поголем дел од сообраќајниците е фрлено сол и ризла. Досега механизацијата поминала два пати по улиците.
Засега непроодни се улиците во повисокиот дел на градот. Од комуналното претпријатие апелираат до сопствениците на автомобилите да ги отстранат за да може механизацијата да помине таму и да го исчисти снегот.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, во Струмица се наталожиле 12 сантиметри. Сите регионални и магистрални патишта во струмичко се проодни во зимски услови и апелираат до возачите на внимателно возење и поседување соодветна зимска опрема.
