СНЕГ НА ПЛАНИНИТЕ, СИЛЕН ВЕТЕР И ПАД НА ТЕМПЕРАТУРИТЕ - еве што најавуваат синоптичарите
Синоптичарите најавуваат голема промена на времето од денеска, и продор на многу ладен бран директно од Сибир. Според метеопрогнозерот Славчо Попоски, ќе дојде до формирање на секундарен снежен циклон, а температурите ќе опаднат за 10 до 15 степени.
- Токму овој циклон ќе услови пообилни врнежи кои освен на повисоките населени места и на планините, како и на Скијачките центри, да преминуваат во врнежи од снег во повеќето пониски места (градови). Сето ова ќе биде проследено со повремено силен ветер од северен правец (над 65 км/час).
На планините и на Скијачките центри ќе се формира снежна покривка од 10 до 20 cм, во делови од овие места таа ќе биде со висина дури и од над 30 cм. Што се однесува до градовите, снежната покривка особено во западната половина од нашата Република Македонија ќе биде со висина од 5 до 10 cм, во делови од градовите таа би можела да биде и малку поголема. Во останатите делови од Македонија снежната поркивка ќе биде многу мала, а особено во Повардарието и во југоисточните предели таа речиси и дека ќе ја нема - објаснува Попоски.
Слично време најавуваат и од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Времето утре ќе биде претежно облачно и студено со врнежи од дожд, а во повисоките места од дожд и снег. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (наместа над 70км/ч.).
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 13 степени.
Во Скопје, претежно облачно и студено со врнежи од дожд. Кон крајот на денот во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во понеделник ќе биде променливо облачно и студено, а наместа повремено ќе провејува слаб снег. Ќе дува засилен северен ветер. Потоа времето ќе биде стабилно и ветровито со утринските температури кои насекаде ќе бидат негативни, а дневните ќе бидат во пораст.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
