СМРЕКА, БОР, ЧЕТИНАР, ЛИПА, БРЕЗА: Кои видови дрвја можат да го ублажат загадувањето на воздухот?
Постојат повеќе видови на дрвја кои се ефективни во борбата против загадениот воздух. Овој проблем во Македонија е актуелен со години.
Татјана Чакулев од O2 Иницијатива вели дека истражувањата во врска со нивото на намалување на загадувачките супстанци во воздухот со помош на дрвја се различни. Некои укажуваат на минималниот, незначителен ефект на дрвјата, a некои велат дека ефектот е значителен.
„Но, кога станува збор за дрвја прочистувачи на воздухот, многу фактори се важни. Какво прочистување ни е најбитно, дали од ПМ или NO2 што го има покрај патиштата најмногу или друг тип. Потоа, битно е дрвото да не произведува многу испарливи органски соединенија (VOC), кои летно време во интеракција со издувните азотни оксиди од возилата знаат да формираат приземен озон, што е штетен за човековото здравје. Да не предизвикува алергии кај луѓето. Да е отпорно на болести, издржливо. Да не е инвазивен вид. Да се долговечни. Тополите знаат да испуштаат доста испарливи органски соединенија и предизвикуваат алергии кај луѓето, па не се соодветни за садење во урбаните средини. Пауловнијата е инвазивен вид“, вели Чакулев.
Додава дека ако зборуваме за намалување на загадувањето со ПМ честичките, тогаш потребни ни се зимзелени видови, четинари, за да делуваат и во зимскиот период, како одредени видови на борови, тиса, чемпреси, кедар, цуга (или чуга), смрека, зимзелениот даб (Quercus ilex).
„Од листопадните дрвја ефикасни се покажале сребрената бреза, бозелот, поради влакненцата на нивните листови, потоа лириодендрони, брест, јавор, липа, платани, плутар...Како жива ограда покрај патиштата добри се тисата, вибурнумот, црвената фотинија, лингуструмот, лаворот. Биодиверзитетот е битен при садењето и не е препорачано да се сади еден ист вид или фамилија повеќе од 5-10 отсто од вкупниот урбан фонд на дрвја.Многу е битно што и каде се сади, зошто некогаш дрвјата со големи крошни може да ја спречат дисперзијата на загадувачките материи во воздухот, како што е пример со тесните улици со високи згради од двете страни. За точно кои видови на дрвја и грмушки треба да се посадат и каде, потребно е да кажат стручните лица од Шумарскиот факултет. Тие треба да го имаат последниот збор“, објаснува Чакулев.
Во Македонија, деновиве Кичево, Велес и Струмица се издвојуваа со високо загаден воздух, а во другите градови воздухот беше почист според податоците од мерните станици. Но, имало и денови кога воздухот во неколку градови бил екстремно загаден.
Луѓето во само седум држави на планетата граѓаните дишат чист воздух, се наведува во истражувањето на Светската здравствена организација. Од 134 земји и региони кои учествуваа во истражувањето – само седум (Австралија, Естонија, Финска, Гренада (Остров на Карибите), Исланд, Маурициус и Нов Зеланд) ги исполнуваат дозволените граници на Светската здравствена организација (СЗО) за микроскопски честички испуштени од автомобили, камиони и индустриски постројки.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
