Економија, финансии, бизнис

Контакт

„СМЕТАМ ДЕКА СИТЕ ТРЕБА ДА ГИ ПОЧИТУВААТ ЗАКОНИТЕ“ - еве што вели Ковачевски за апанажата која Уставниот суд ја укина

„СМЕТАМ ДЕКА СИТЕ ТРЕБА ДА ГИ ПОЧИТУВААТ ЗАКОНИТЕ“ - еве што вели Ковачевски за апанажата која Уставниот суд ја укина

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски смета дека заслужено, како и секој граѓанин ќе прима апанажа во текот на оваа година, и смета дека треба да се почитуваат законите и да важат за сите еднакво. Сепак, немаше појаснување дали е законски да добиваат апанажата со оглед на укинувањето на член од законот од страна на Уставниот суд. 

Имено, на новинарски прашања, денеска Ковачевски не одговри дали му е незгодно што ќе зема 2.500 евра месечно од државата, како апанажа поради тоа што бил претседател на Владата. Тој смета дека ако некој извршувал некоја функција, треба да следува апанажа, со цел, да најде време за да најде нова работа.

- Јас бев претседател на Владата во едно тешко време. Својата функција ја обавувам согласно законот. И така поднесов оставка. Сите одлуки носени по тоа, во однос на примањата, тоа е според Закон. Сметам дека сите треба да ги почитуваат законите. Токму поради такви закони кои се почитуваат, имаме зголемување на минималната плата…“ - кажа Ковачевски.

На забелешката дека ако не побарал апанажа, немало да добие, тој посочува: „Вие бевте сведок дека бев обвинуван дека сум имал свои фирми и компании, тоа опозицијата го истакнуваше. Но се потврди дека немам свои компании. И со ова само се потврди дека тоа било лага“.

По објавување на одлуката за апанажа за Ковачевски, и за поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој исто така ќе добива 2.500 евра месечно, во јавнсота беа објавени повеќе написи дека е укинат членот од законот со кој нив им следуваше апанажа. 

Имено, со одлука на Уставниот суд од пред една година, едногласно е укинат членот 22 во кој се вели дека:  “Функционерите, пратениците и раководните лица коишто дале оставка или биле предвреме разрешени од функцијата, ги имаат истите права како и сите останати функционери, меѓу кои е и правото на апанажа“.

Тоа значи дека оние функционери, пратеници, коишто дале оставка пред истекот на мандатот или пак биле разрешени, во иднина нема да можат да добиваат апанажа која може да трае од три месеци па до една година. Во овој случај, Ковачевски и Спасовски си дадоа оставки од своите позиции.

Уставниот суд сметал дека оваа одредба не е во согласност со владеењето на правото, коешто е една од темелните вредности на уставниот поредок и е предвидено во членот 8 во Уставот. Исто така според судот, овој член нема уставна оправданост. 

- Судот го зема предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа поради некаков вид на одговорност поради вршењето на доверената функција и според судот, оставката или разрешувањето и добивањето на паричниот надоместок се две работи коишто се неспоиви, поради што се укинува одредбата -, кажаа тогаш од Уставниот Суд 

На ова реагираа и од Левица, според чии претставници потенцираа дека одлуката за анапажа е скандалозна. Еве што објавија:

- Скандалозно е што собраниската Комисија, со само пет присутни членови, ги усвојува барањата за исплата на апанажа за двајцата поранешни функционери, спротивно на Уставот! Ова значи дека милионерите Спасовски и Ковачевски во наредните 12 месеци ќе ја добиваат истата плата од 2.500 евра. Иако Ковачевски и неговата сопруга поседуваат милионски бизниси во енергетиката, поранешниот премиер одлучил дека треба да добива плата од државата и наредните 12 месеци (што е спротивно на Уставот) - стоеше во рекацијата на Левица. 

Од таму потенцираа дека „поранешниот премиер и министер за внатрешни работи го завршија својот функционерски мандат со давање ОСТАВКА од функцијата која ја извршуваа. Согласно Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица и сега веќе укинатиот чл. 22, истите НЕМААТ ПРАВЕН ОСНОВ за остварување на правото на исплата на апанажа!“

- Доколку Комисијата не ја ревидира оваа своја одлука во рок од 3 дена, Левица ќе поднесе соодветни поднесоци до надлежните органи за утврдување на одговорност за своето работење на сите присутни членови, кои одлучувале по спорната точка“, се наведува во реакцијата на Левица.

Фото: Архива

Слично

Поврзани вести