Случајот „Поткуп“ продолжува денес, кој ги пуштил снимките од кабинетот на Заев?
Откако на 27 јуни рочиштето се одложи за денес по барање на судијката случајот Поткуп продолжува во суд.
Одбраната на последното рочиште побара да се отфрлат доказите од посебните истражни мерки кои се веќе објавени, а биле службена тајна.
По барањата на одбраната судијката треба да го разгледа барањето за изземање на доказите и да донесе решение.
Порталот сакамдакажам.мк објави дека снимките од посебните истражни мерки против премиерот Зоран Заев, направени во неговиот тогашен градоначалнички кабинет во Струмица, се пуштени на интернет од сервер во странство со скриена ај-пи адреса.
Според тоа, велат извори од Обвинителството за организиран криминал, интерната истрага не можела да утврди кој ги набавил строго чуваните снимки од ПИ мерките, како и со чија помош го сторил тоа и кој ги објавил. Не може да се утврди ни од каде се објавени, бидејќи трагата одвела до скриена ИП адреса од странство. Обвинителството за организиран криминал нема да ја спори манипулацијата и злоупотребата на видео-снимката од посебните истражни мерки против обвинетиот премиер Зоран Заев, кои незаконски, беа објавени на Јутјуб каналот, дознава сакамдакажам.мк од извори од ова обвинителство.
