Случај Тврдина 2: Невиниот началник Грујевски во бегство, извршителите во судница
„Разбрав за што сум обвинет. Со индигнација ги одбивам сите наоди во обвинението и не се чувствувам виновен“, вака на 23 мај во судница изјави првообвинетиот началник во Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, кога го прашаа дали е виновен за уништување на документи поврзани со нелегално прислушување.
Освен него, секаква вина за обвинението поднесено од СЈО, отфрлија и шесте вработени службенички во УБК, на кои Грујевски им бил надреден.
Четири месеци подоцна, Горан Грујевски е во бегство, а на обвинителната клупа останаа само неговите колешки. Тие се гонат за фалсификување на службена исправа, кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години. На Грујевски му се суди во отсуство.
По контроверзниот началник на Петтата управа е распишана меѓународна потерница, а во меѓувреме беше обелоденето дека Грујевски незаконски добил двоен идентитет и дека тој користи лични документи на име Владимир Варелов. Засега нема никаква трага каде се крие Грујевски, кој заедно со уште еден вработен од УБК, Никола Бошкоски, успеаја да ги искористат спорите судски процедури и сега наместо во притвор да бидат на слобода.
Како се уништувале документите
Кога на прес-конференцијата на 15 септември минатата година, СЈО го објави првиот обвинителен предлог против седморката од УБК предводена од Грујовски, беше кажано дека незаконски запалената архива била потребна во истрагата за да се открие на кој начин УБК го вршела нелегалното прислушување.
На вчерашното рочиште, сведоците сведочеа што се случувало летото во 2015 година.
Спакувани во црни кеси илјадници докази поврзани со нелегалното прислушување завршиле во Брест - тајната база на МВР. Документите биле запалени во близина на скопски Петровец, по наредба на комисијата која ја формирал началникот Горан Грујевски.
Сведоците кои ги предложи Специјалното јавно обвинителство, на судско рочиште за овој случај обелоденија како се одвивала целата операција.
„Отидовме во Петровец, носевме и колешки, но не ми текнува кои од обвинетите. Просторот за палење на црните ќеси беше спремен. Беа присутни сите колешки и ги запаливме“, раскажа сведокот кој ги танспортирал кесите до тајната база.
Но, една од обвинетите секретарки во УБК го смени исказот и направи пресврт во случајот „Тврдина 2“. Таа сега тврди дека била наместена од нејзините колешки кои наводно ја убедиле да се потпише на документи кои ги потпишувале и останатите секретарки.
„Не ни видов дека како член на комисијата се потпишувам. Никој не ми кажал дека сум во некаква комисија.Не ми беше доставено на увид што потпишав, само беше свртено на последната страна.“
Обвинетата за време на истражната постапка во СЈО дала сосема различна изјава и тврдела дека потпишува вообичаени барања за одмор и набавка на материјали.
На рочиштето сведоците потврдија и дека и бегалецот Никола Бошковски кој во овој процес е сведок бил присутен во базата на денот на палењето на документите.
СЈО во натамошната судска постапка предлага како доказен материјал да се користат договорите за набавка на системите за прислушување заедно со техничката спецификација. Адвокатите на одбраната, чекаат од УБК декласификација на информации кои ќе станат докази.
Следното рочиште е закажано за 2 ноември. Во меѓувреме МВР го бара Грујевски, за кој има различни верзии - дека успеал да избега надвор од границите на Македонија, но погласни се оние дека и натаму се крие во земјава.
Кој им помага на Грујевски и Бошкоски
Бегството на Горан Грујевски и на Никола Бошкоски, според МВР е организирано и се води истрага кој им помогнал на двајцата бегалци да не отидат во притвор.
-Очигледно е дека овде станува збор за еден сплет на околности, на поврзаности меѓу јавното обвинителство, меѓу судството и меѓу структурите на поранешната власт кои што дозволија бегање односно напуштање на државата на овие две лица и за тоа се водат соодветни постапки и ќе дојдеме и до други лица кои сигурно го овозможиле тоа и за кои треба да се покрене сериозна одговорност, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Грујевски и Бопкоски се притвор од 26 јули, откако петчлениот совет на Врховниот суд вчера донесе решенија со кои се одбиени нивните жалби и со тоа ги потврди решенијата на Апелацискиот суд Скопје за определување мерка притвор за двајцата во траење од 30 дена.
Ј.М.
