Економија, финансии, бизнис

Контакт

Случај Таргет: Ќе „пропеат“ ли Мијалков и Јанкулоска во судницата

Случај Таргет: Ќе „пропеат“ ли Мијалков и Јанкулоска во судницата

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, денеска седнува на обвинителна клупа за случајот со нелегалното прислушување во предметот на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина-Таргет“.

Мијалков е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањето и примање награда за противзаконито влијание. Во овој предмет се споени двете истраги на СЈО, а покрај Мијалков, обвинети се и поранешните началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за фалсификување службена исправа.

Првпат пред судот како обвинета треба да се појави екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинет на Сашо Мијалков.

Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Следена била и комуникацијата пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или 5.827 телефонски броеви со кои биле прислушувани над 20 илјади граѓани.

Според доказите на СЈО, поранешниот премиер Никола Груевски не бил директен таргет на , за разлика од поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети, Мендух Тачи, новинари, функционери, бизнисмени и многу други.  

СЈО утврдило дека незаконското прислушување продолжило и по објавувањето на аферата со прислушувањето од лидерот на опозицијата Зоран Заев и во текот на 2016 година.  Во „Тврдина“, пак, станува збор за уништување на опремата за прислушување вредна 10 милиони евра и на документација за набавката на таа опрема.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година. Поради нивната поврзаност, при подготовка на обвинението предметите се споени во еден единствен предмет.

Обвинението е подигнато на ден 30 јуни оваа година, при што 4 лица се опфатени со обвинителен акт за кривичните дела Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“и „Фалсификување службена исправа“. Додека пак 8 лица се обвинети со обвинителен предлог за кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“,„Фалсификување службена исправа“ и „Примање награда за противзаконито влијание“.

Минатиот месец едно лице обвинето во овој случај ја призна вината и за него судењето заврши.  На обвинетиот, чиј идентитет не се соопштува, му била изречена алтернативна мерка – условна осуда за помагање на сторител во извршено кривично дело. Судската постапка за ова лице беше завршена тајно поради заштита на неговата безбедност, бидејќи осудениот освен што ја признал вината, дал и придонес во докажувањето на делот со бришењето на логовите од прислушувањето во УБК.

Со петчлениот судечки совет ќе претседава судијката Ленка Давиткова.

Ј.М.

Слично

Поврзани вести