СЛУЧАЈ „КУКЛИЦА“: ОЈО предложи притвор за попречување даночна контрола на локалитетот
Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против едно лице за – Спречување службено лице во вршење службено дејствие, кривично дело санкционирано според член 382 став 3 од Кривичниот законик, информираа од Обвинителството.
„На 16 јули, на локалитетот “Камени Кукли” во селото Куклица, Кратово, осомничениот 41-годишен британски државјанин го спречил постапувањето на двајца даночни контролори кои вршеле службени дејствија на контрола во однос на претходно поставени обележја за привремена забрана за вршење дејност. Тој фрлал со камења кон контролорите и нивното службено возило, поради што тие го напуштиле локалитетот и биле спречени да го извршат службеното дејствие“, се вели во соопштението.
Од ОЈО додаваат дека, ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
