СЛУЧАЈ ЕПШТАЈН: Мозоци од починати луѓе од Македонија, биле праќани во САД за научно истражување
Во објавени електронски пораки и документи поврзани со случајот на починатиот американски милионер Џефри Епштајн се појавуваат наводи дека човечки мозочни примероци од починати лица од Македонија биле замрзнувани и транспортирани во Соединетите Американски Држави за научно-истражувачки цели.
Станува збор за новинарско истражување на „Блумберг Бизнисвик“, потпишано од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет, кое не е директно поврзано со сексуалниот скандал околу Епштајн. Истражувањето е објавено под наслов „Лек стар 50 години што би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ и се фокусира на научни анализи поврзани со самоубиствата и употребата на кетамин.
Во текстот се наведува дека американски научници поврзани со Универзитетот Колумбија со години формирале банка од околу 1.000 човечки мозоци, користени за истражувачки цели. Колекцијата вклучувала примероци од лица кои извршиле самоубиство, како и контролни примероци, а Македонија е наведена како една од земјите од кои потекнуваат дел од примероците.
Според објавените информации, мозочните примероци биле земани по смртта, веднаш криопрезервирани (замрзнувани) и транспортирани во САД, каде биле обележани и архивирани за научна употреба. Дел од електронската кореспонденција, објавена во рамки на истражувањето, содржи и логистички детали за транспортот и складирањето.
Во еден од цитираните мејлови се наведува дека постапката била олеснета од член на факултетот на Универзитетот Колумбија со потекло од Македонија, кој помогнал во организацијата и координацијата на процесот.
Дополнително, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека Џефри Епштајн, преку својата фондација, донирал средства за истражувања поврзани со овие научни проекти, но овие наводи засега не се официјално потврдени од надлежни институции.
Американското Министерство за правда на 30 јануари 2026 година објави милиони страници документи поврзани со случајот Епштајн, по што неговото име повторно се најде во фокусот на јавноста. Сепак, надлежните институции досега немаат официјално соопштение во врска со наводите што се однесуваат на Македонија.
