Случаите на СЈО „Тарифа” и „Траекторија” добија амин од Кривичен суд
Прифатени се случаите „Тарифа” и „Траекторија” на СЈО од страна на Кривичен суд.
Ова го потврдиле од специјалното обвинителство за МИА, а судските рочиштата за овие два случаи дополнително ќе бидат закажани.
СЈО за случајот „Тарифа“ сомничи седум лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.
Според обвинението ссомничените со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра, а причинетата штета изнесува 456.560 евра.
Во случајот „Траекторија“, пак, обвинети се четири службени лица поранешни високи владини функционери, осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.
