Словенија е лидер во регионот во „Michelin Guide“, соседна земја веќе има 25 ресторани, а Македонија ја нема никаде во престижниот водич
Во време кога гастрономијата станува сѐ поважен дел од туристичката понуда и националниот бренд на државите, престижниот Michelin Guide останува недостижен сон за поголем дел од земјите на Балканот. Иако регионот располага со богата кулинарска традиција, врвни локални производи и сѐ поголем број амбициозни шефови, само мал број балкански држави успеале да се најдат на гастрономската мапа на Michelin.
Најновото, седмо издание на Michelin Guide Slovenia 2026 уште еднаш потврдува дека Словенија е убедливо најуспешната гастрономска приказна во регионот. Во исто време, Србија останува единствената соседна држава на Македонија која има официјален Michelin Guide, додека Македонија, Албанија и Бугарија сè уште не се дел од престижниот водич, пренесува Женски магазин
Дополнително, Грција во 2026 година очекува значајно проширување на Michelin Guide. Покрај Атина, за првпат во процесот ќе бидат вклучени и Солун и Санторини. Сепак, официјалната селекција и конечниот број на ресторани за 2026 година сè уште не се објавени, па засега не е познато колку грчки ресторани ќе бидат дел од водичот и колку од нив ќе добијат Michelin ѕвезди.
Словенија и оваа година ја потврдува својата позиција како лидер во регионот кога станува збор за врвната гастрономија. Во Michelin Guide Slovenia 2026 се препорачани вкупно 74 ресторани, што е бројка која значително ги надминува сите останати земји од поранешна Југославија.
На врвот и понатаму се наоѓа ресторанот Hiša Franko со три Michelin ѕвезди, што претставува највисоко гастрономско признание во светот. Restaurant Milka ја задржа својата втора Michelin ѕвезда, додека осум ресторани се носители на по една Michelin ѕвезда.
Нов член во елитното друштво годинава е Galerija okusov, кој доби своја прва Michelin ѕвезда. Покрај нив, водичот препорачува уште 12 ресторани со ознаката Bib Gourmand за одличен сооднос меѓу квалитетот и цената.
Успехот на Словенија не е случаен. Со години државата систематски инвестира во гастрономски туризам, промоција на локалните производи и поддршка на ресторанската индустрија, претворајќи ја храната во еден од главните адути за привлекување туристи.
Додека Словенија е регионален лидер, Србија останува единствената соседна држава на Македонија која има официјален Michelin Guide.