СЛОВАЧКА И ЧЕШКА СО СИЛНА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА: Не смее да се дозволи ЕУ да стане колективен судија за историски толкувања
Шефот на
словачката дипломатија Иван Корчок при вчерашната посета на земјава изрази
надеж дека преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ ќе биде усвоена за
време на португалското претседателство и оти сите земји членки на Унијата ќе
постигнат консензус по тоа прашање.
Корчок порача дека земјата треба да продолжи со реформите, бидејќи тие не се прават за бирократијата во Брисел, туку за самите граѓани.
– Од наш интерес е да ве поддржиме на патот кон ЕУ. Ние дури и не можеме да го наречеме Западен Балкан како сосед, туку е повеќе од тоа, во географска смисла. Но, мора да ги споделувате истите вредности и најпосле да станете членка на ЕУ, рече Корчок, потенцирајќи дека Словачка е силен поддржувач на патот на земјава кон ЕУ.
Корчок, во зедничката колумна со министерот за надворешни работи на Чешка, Томаш Петричек за „Еуобсервер”, оценува дека на смее да се дозволи ЕУ да стане колективен судија за историски толкувања – за тоа што е правилно, погрешно, точно и лажно во изминатите стотици години од историјата на Балканот, бидејќи тоа би било големо отстапување од принципите што досега го регулираа процесот на проширување и кои се дел од подобрениот пристап за транспарентност и предвидливост.
– Затоа, ние не поддржуваме никаква насока што би санкционирала толкување на историски прашања. Барањето да се постави обврска за Северна Македонија да ја поправи наводната погрешна интерпретација на историјата не е прифатливо. Дополнителни услови ќе го отворат патот за понатамошни билатерални барања во иднина, потенцијално комплицирајќи го целиот процес во годините или дури децениите што доаѓаат, оценуваат Петричек и Корчок во колумната насловена „ЕУ не треба да биде судија за историски прашања”.
