Слободата на изразување назадувала - Македонија во друштво на Турција, Бразил, Бангладеш и Бурунди
Македонија заедно со Турција, Бразил, Бангладеш и Бурунди е држава каде е забележан најголем пад во слободата на изразување во изминатите 10 години.
Oва го покажува студијата која ја мери слободата на медиумите во 172 држави, реализирана од Групата „Артикал 19“ во соработка со политичката и социјална дата база „V-Dem”.
Оценката е дека слободата на медиумите на глобално ниво се наоѓа на најниско ниво во изминатите 10 години. Само во 2016 година во светот се убиени 79 новинари, а 259 се затворени. Цензурата на интернет станала многу изразена од 2006 година при што се наведува дека е зголемена употребата на алгоритми за отстранување на легални и нелегални содржини со мала транспарентност врз процесот или земање предвид на човековите права.
Меѓу заклучоците стои и дека голем дел од онлајн содржината во светот сега е регулирана според стандарди на грст интернет компании кај кои недостига транспарентност и не се подложени на принципот на проверки типичен за традиционалното владеење. Се забележува дека владите ги мониторираат приватните комуникации „како никогаш досега“ преку усвојување закони кои овозможуваат екстензивно дигитално надгледување.
„Артикал 19“ е британска организација за човекови права со фокус на одбрана и промоција на слодата на изразување и слободата на информирање.
