„СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ СЕ ВОЗИ ПО ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ГРАДСКО - ДРЕНОВО“: Трајановски на увид
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски утрово објави пост на неговиот Фејсбук профил поврзан со состојбите со патиштата во Македонија, при што најави забрзување на изградбата на експресниот пат Градско - Дреново.
- Коридорот 10д е еден од најзначајните патни правци во државата бидејќи низ него дневно поминуваат околу 6 илјади возила од сите категории и многу товарни возила. Токму од овие причини посветуваме внимание на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново со кој значително ќе се олесни протокот на сообраќај, а со завршувањето на изградбата значително ќе се скрати и времето на патување од Градско кон Прилеп и Битола.
Токму затоа, наша цел е рокот кој што е предвиден за доизградба да се запази и во таа насока извршив увид во градежните работи на изградбата која е поделена на две делници: Првата делница Градско-Дреново, каде што Изведувач на работите е Штрабаг, а Надзор е ЕГИС; и втората делница Дреново–Фариш каде што Изведувач на работите е СИНОХИДРО и Надзор се ГЕИНГ и ЕВРО КОНСАЛТИНГ. Процентот на реализација на првата делница е 95 отсто, а на втората делница 85 проценти. Вкупната должина на експресниот пат е 26 километри - нагласи Трајановски, и дополни дека динамиката ќе ја забрзаат со цел во годината што доаѓа да се вози по овој експресен пат.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
