Следен за разрешување врховниот судија кој беше десна рака на Вангеловски?
По Јово Вангеловски кој завчера беше разрешен од функцијата претседател на Врховниот суд, денеска ќе биде разрешен и судијата Ристо Катевеновски, дознава Фактор од неофицијални извори, а информацијата засега не е потврдена.
Судиката Рахилка Стојковска и уште еден друг судија ги снајде истата судбина па беа разрешени од Судскиот совет. Сите се менуваат поради нестручно и несовесно постапување. Катевеновски важи за десна рака на Вангеловски во Врховниот суд, а беше избран за судија на Врховен во 2009 година. Тој работи во оддел за казниви дела и оддел за судења во разумен рок.
Според биографијата која е објавена на интернет страницата на Врховен суд, Катевеновски прв пат бил избран за судија во Основен суд Скопје 1 во 1996 година. Од 2008 година е судија во Апелациониот суд, а од 2009 година во Врховниот суд.
Уште пред две години Советот за утврдување на факти до Судскиот совет достави предлог со кој бараше да биде разрешен петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд на чело со претседателот Јово Вангеловски, кој одлучуваше за притворот на бизнисменот Сеад Кочан. Покрај Јово Вангеловски, се бараше разрешување и за судиите Ристо Катавеновски, Рахилка Стојковска, Џемали Саити и Фаик Арслани.
Предлогот за разрешување на врховните судии беше поради незаконската постапка околу овозможувањето на Сеад Кочан да се брани од слобода. Со три гласа „за“, пред 2 години Вангеловски и двајцата судии го ослободија избеганиот Кочан од притвор.
Завчера Судскиот совет го разреши Јово Вангеловски од функцијата претседател на Врховниот суд.
За в.д. претседател на Врховниот суд беше избран врховниот судија Фаик Арслани.
