Славјанка Петровска: МВР не ги објавува имињата на убијците од „Мавровка“ зошто се бегалци од затвор
Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска во емисијата „КликПлус“ ТВ21 покрена сомнеж дека лицата осомничени за убиството на 59-годишниот Васил Ефтимов кај ТЦ „Мавровка“ во Скопје се затвореници кои избегале. Петровска го прашува МВР зошто не ги објавува во јавноста имињата на уапсените и третоосомничениот по кој се трага.
„Дали МВР не ги открива иницијалите на уапсените, ниту на тој што се бара, затоа што фер би било да се покаже кој се бара, можеби ќе го сретнеме на улица и како граѓани ќе помогнеме. Дали затоа што се луѓе кои се затворени, наместо да бидат во затвор, тие излегуваат на улица. МВР има распишано потерници, сепак не можат да ги најдат повеќе од 30 дена. За жал, требаше да се случи убиство во центарот на Скопје, еден од нив да биде уапсен, а за другиот сега да организира акција за негово пронаоѓање“, изјави меѓу другото Петровска.
Според извори на ТВ21 во МВР, полицијата трага по Адем Куртовиќ, како третоосомничен за вчерашното убиство кај ТЦ „Мавровка“ во Скопје. Куртовиќ, според неофицијални извори, вчера пукал во полицијата.
ТВ21 дознава дека убиениот Васил Ефтимов (59), имал златарска работилница во ТЦ Бисер во Скопје.
„Во возилото не беше пронајдено злато, извршено е вештачење на сите предмети кои се од интерес на истрагата“, велат од МВР за ТВ21.
Од МВР додаваат дека лицата кои беа инволвирани во убиството извршено на паркинг простор пред ТЦ “Мавровка”, каде беше застрелан В.Е.(59), се со криминално досие.
