Славчо Попоски открива какво време ќе имаме по снежното невреме на Балканот
Метеорологот Славчо Попоски вели дека во наредните денови ќе имаме топло време, но и врнежи од дожд.
Информира дека под влијание на циклонска активност и на серија влажни воздушни бранови, во текот на оваа седмица во Македонија времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд.
„Врнежите повремено и локално ќе бидат поинтензивни (околу 25 л/м2 воден талог). Снег ќе врне само на високите планини, а ќе дува и слаб до умерен ветер од променлив правец. Температурите и понатаму ќе бидат натпросечно високи за овој период од годината и ќе се искачуваат во интервалот од 11 до 17 степени. Во најтоплите југоисточни предели температурите се очекува да се искачат до околу 19 степени. Во Скопје и околината во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Температурата ќе се искачува во интервалот помеѓу 16 и 18 степени“, вели Попоски.
Нешто пониски температури кај нас, но сепак и понатаму релативно високи ќе имаме од средината на оваа седмица. Овие денови над нашата територија ќе биде присутна Сахарска прашина и песок, со што и атмосферата ќе биде заматена, а дождот кој се очекува ќе биде помешан со истата.
Инаку регионот, посебно Хрватска, делови од Далмација се под влијание на силно снежно невреме. Снежната покривка во делови од Лика достигнува дури до околу еден метар. Има и една човечка жртва поради невремето.
