Славчо Попоски објави какво време ќе имаме неделава
Метеорологот Славчо Попоски најавува топло време за неделава.
Во текот на оваа седмица следува период на потопло време со релативно пролетни температури на воздухот кои насекаде ќе се искачуваат над 10 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели температурата ќе се искачи до околу 18 степени.
„Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен и југозападен правец. Ветерот повремено ќе засилува на интензитет, а ќе има и повремен слаб локален дожд, особено во западните и во југозападните предели. Поинтензивни врнежи ќе има во петок и истите ќе ги има во поголем дел од Македонија. Снег ќе има само на највисоките планини. Во Скопје и околината следува период на променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а особено во петок ќе има повремени врнежи од дожд. Температурата ќе се искачува во интервалот помеѓу 13 и 16 степени“, вели Попоски.
Оваа седмица наутро и тоа особено во Малешевијата и на планинските и повисоки места,температурите ќе се спуштаат за некој степен под нулата.
