Славчо Попоски најавува промена на времето
Метеорологот Славчо Попоски најавува промена на времето.
Вели дека денес и утре времето во Македонија ќе се задржи стабилно, суво и натпросечно топло преку ден со температури кои некаде ќе се искачат и до 15 степени. Особено во ноќните, утринските и во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на магла и на ниска облачност, особено во оние котлини кои се наоѓаат Долж Повардарието.
„Голема промена на времето ќе има веќе од понеделник попладне и навечер, а особено во вторник кога насекаде ќе има зголемена облачност и врнежи од дожд, додека на планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка (на повисоките планински места со висина и од над 20 цм). Поради продорот на постуден воздух од север, снежната граница во вторник попладне, навечер како и во текот на ноќта кон среда понекаде ќе се спушти под 1000 м.н.в, со што врнежи од дожд и снег, или мокар снег ќе има и во некои пониски населени места. Во понеделник ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен и од југоисточен правец, кој во вторник попладне и навечер ќе го промени правецот во северен и ќе биде засилен по интензитет. Поради засилениот ветер, конечно ќе дишеме значително поквалитетен воздух низ котлините, вклучувајќи ја и Скопската котлина, што значи дека се очекува големо разчистување на воздухот“, вели Попоски.
Температурите значително ќе се намалат и конечно ќе имаме постудени денови.
