Славчо Попоски најавува постудено време и обилни врнежи
Метерологот Славчо Попоски вели дека поларниот вртлог ќе ни прави друштво уште долго време, постојано ќе бидеме под влијание на продор на свежи воздушни маси од север кои се невообичаени за овој период од годината. Од вторник очекуваме нов голем пад на температурите на воздухот, кои дури и во најтоплите централни и југоисточни предели од Македонија ќе бидат под 20 степени.
Од вторник исто така на многу места максималните дневни температури ќе бидат дури и под 15 степени, а на највисоките планински врвови на запад и на северозапад од Македонија ќе има услови дури и за повторно провејување на снег.
„Инаку во новата седмица која е пред нас во Македонија ќе има честа појава на врнежи од дожд. Локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер во зоната на нестабилност, а можна е и појава на локално невреме, проследено со обилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и услови за појава на суградица и на град. Во седмицата која е пред нас локално ќе наврне значително количество на воден талог (над 30 л/м2)“, вели Попоски.
И во Скопскиот регион во новата седмица ќе има почести врнежи, повремено поројни, а можно е и локално невреме. Температурите од вторник значително ќе се намалат и ќе бидат под просекот за месец мај, односно тие ќе бидат под 20 степени.
