Славчо Попоски најавува невреме и град за викендов
Метеорологот Славчо Попоски најавува невреме и град за викендов.
Под влијание на нова голема влажна и нестабилна воздушна маса од запад и од северозапад, за време на овој викенд повторно на многу места низ Македонија ќе биде многу нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
„Поради големата енергија во атмосферата, локално процесите ќе бидат интензивни и застапени во форма на поизразено невреме, проследено со интензивен пороен дожд, големо количество на воден талог за кратко време кое може да услови локални поплави, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град и истиот може да биде крупен, и може да создаде нови штети, особено врз земјоделството затоа истото со време заштитете го. Во случај на појава на силно невреме, како и на силни електрични празнења, апелираме да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Во Скопје и околината исто така можна е појава на локално невреме, но и локални поплавувања“, вели Попоски.
Температурите нема да се менуваат од оние кои ги имаме сега и остануваат типични за овој период од годината (не се очекуваат екстремно високи температури).
