СКРШЕН МОНИТОР И МИКРОФОН: Колку ќе треба да плати Борислав Крмов?
Пратеникот од Левица, Борислав Крмов ќе треба да плати 9.600 евра за скршените монитор и микрофон во Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти колку ќе треба да плати пратеникот за нередот кој неодамна се случи на седница. Крмов не може да се повика на имунитет, бидејќи имунитетот важи само за искажан збор на говорница. Според Џафери, ако Крмов не плати за нанесената штета во Собранието, има законски постапки.
За разлика од Крмов, пратеникот од ДУИ Арбер Адеми нема да ја плати штетата кога на комисиска расправа искорна микрофони, бидејќи настанот не бил пријавен. Од комисиската расправа немало директен пренос, туку одела репризна снимка и никој не го пријавил инцидентот.
Крмов по настанот изјави дека ќе ја плати штетата.
„Видов дека претседателот Џафери изјавил дека ќе ми ја пратат сметката. Слободно, тоа е најмалиот проблем, ќе ја платиме штетата, но штетата од процесот е неповратна“, рече Крмов.
Според пратеникот, Собранието со новиот Деловник на еден начин се самоукина, затоа што како што кажа повеќе нема да постои опозиција која ќе може да ги блокира лошите закони.
Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев на таа седница со чевел удираше печат на амандманите. Двајцата пратеници со своите постапки го прекршија етичкиот кодекс на Собранието. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го осудија инцидентот и побараа Обвинителството да поднесе пријави.
фото скриншот
