СКОПСКИ ПАЗАР СО УШТЕ ЕДНА УСПЕШНА ГОДИНА - над 1 милион евра добивка и инвестиции „тешки“ 3,6 милиони евра
Најновиот финансиски извештај на компанијата „Скопски Пазар АД Скопје“ за периодот јануари – декември 2025 година открива дека се позитивни финансиски резултати.
Согласно извештајот кој Скопски пазар АД Скопје го објави на Македонска берза, компанијата ја заокружи 2025 година со позитивен финансиски резултат, при што консолидираната нето добивка достигна 72 милиони денари или колу 1,17 милиони евра, покажуваат неревидираните податоци на компанијата.
Податоците откриваат дека вкупните приходи изнесуваат 556.391 илјади денари, односно околу 9,04 милиони евра, додека расходите се на ниво од 482.372 илјади денари, или околу 7,84 милиони евра, што ја потврдува стабилноста во работењето.
- Остварените вкупни консолидирани приходи во периодот Јануари-Декември 2025 година изнесуваат 556.391 илјади денари.
Скопски пазар АД Скопје за периодот Јануари - Декември 2025 година оствари консолидирана нето добивка од 72.001 илјади денари.
Остварените вкупни консолидирани расходи во периодот Јануари-Декември 2025 година изнесуваат 482.372 илјади денари - се посочува во објавата.
Компанијата во текот на годината направила и значајни деловни потези. Имено формирале нова подружница „Делта Инвест 14“ ДООЕЛ Скопје, насочена кон управување и издавање недвижности, а во последниот квартал го презеде и друштвото „Оне Кабле ФЈ“, со што влезе и во секторот на производство на електронски и електрични кабли.
- Во 2025 година Скопски Пазар основа своја подружница како посебен субјект Делта Инвест 14 дооел Скопје. Основна дејност на подружницата е изнајмување и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот под закуп (лизинг).
Во четвртиот квартал од 2025 година Скопски Пазар а.д го купува друштвото Оне Кабле ФЈ дооел Скопје и со тоа станува единствен сопственик на друштвото. Основна дејност на друштвото е производство на други електронски и електрични жици и кабли - пишува во извештајот.
Меѓу другото нагласено е дека „вкупните консолидирани инвестиции во нематеријални, материјални средства, вложувања во недвижности и инвестиции во тек за периодот Јануари - Декември 2025 година изнесуваат 226.729 илјади денари - 3,6 милиони евра“.
Инвестициите во 2025 година достигнале скоро 227 милиони денари или околу 3,69 милиони евра, главно во недвижности и основни средства, со цел зголемување на идните приходи. Дополнително, вкупната сеопфатна добивка изнесува 162 милиони денари или околу 2,65 милиони евра, што укажува на позитивни ефекти и од вредносните усогласувања на имотот.
Компанијата и натаму генерира стабилни приходи од издавање деловен простор, што останува клучен двигател на растот. Оперативните приходи достигнале скоро 555 милиони денари или околу 9,02 милиони евра, а оперативните расходи скоро 449 милиони денари односно околу 7,3 милиони евра.
Во билансот на состојба, долгорочните обврски достигнуваат 1.851.853 илјади денари (околу 30,1 милиони евра), додека краткорочните се 340.899 илјади денари (околу 5,54 милиони евра). Вкупните обврски учествуваат со 43,61 отсто во структурата на капиталот, додека главнината и резервите имаат удел од 56,39 проценти, што укажува на релативно стабилна финансиска позиција.
И покрај добивката, компанијата нема да исплаќа дивиденда во наредните пет години, бидејќи средствата се насочуваат кон инвестиции и одржување на ликвидноста. Добивката од 2024 година во износ од 120.000 илјади денари (околу 1,95 милиони евра) е реинвестирана, а дополнителни 305.597 илјади денари (околу 4,97 милиони евра) се пренесени во акумулирана добивка.
- Согласно Одлуката на Годишното Собрание на акционери, Друштвото во 2025 година нето добивката од 2024 година во износ од 120.000 илјади денари ја распореди за инвестиции, а износот од 305.597 илјади денари ја распореди во акумулирана добивка. Одлуката за употребата на чистата добивка за 2025 година ќе ја донесе Собранието на акционери на редовното Годишно собрание.
Согласно планот за инвестициони активности на Друштвото и обврските за отплата на долгорочните кредити, а истовремено имајќи ја во предвид потребата од континуирана ликвидност на Друштвото, Управниот одбор на Друштвото е на став дека нема да има предуслови за исплата на дивиденда во наредните 5 години - пишува во извештајот објавен на Берза.
Менаџментот оценува дека 2025 година во најголем дел ги исполнила плановите, при што приходите и расходите се движат во рамки на очекувањата, а добивката е над планираното ниво. Во наредниот период фокусот останува на инвестиции, подобрување на ефикасноста и максимално искористување на потенцијалот од недвижностите како главен извор на раст.
- Друштвото во целост ги користеше сите потенцијални извори на финансирање заради севкупното подобрување на финансиската стабилност и ликвидност, а обврските за кредити кон банките се сервисираа без задоцнување согласно договорената динамика.Вкупниот износ на инвестиции во постојаните средства се движеше во рамки на планираното, со фокус на одржување на објектите во добра состојба и создавање предуслови за стабилизација на приходната страна. И покрај предизвиците, Друштвото останува насочено кон подобрување на оперативната ефикасност и остварување на добивка од оперативно работење на ниво блиско до планираното - стои во извештајот.
П.О.
